На патеката во Сепанг, Дукати ги започна подготовките за новата сезона на првиот официјален тест

Сезоната започнува за помалку од еден месец, а Дукати за прв пат ќе стартува со 4 фабрички Десмоседичи, два за Довициозо и Петручи во тимот на Дукати и 2 за Милер и Бањаиа во Прамак.

Имајќи во предвид дека конкуренцијата станува се појака, Џиџи Далиња и неговиот тим се обидуваат да ги донесат црвените на врвот. Нивната задача е да ги подобрат перформансите на моторот и брзината низ свиоците, она што е долгогодишен проблем за Дукати.

 DSC2918 copy

Истовремено тој треба да размислува и за возачкиот кадар, имајќи во предвид дека нивните како и повеќето МотоГП возачи имаат договор до крајот на 2020 година. Сепак главната цел на тимот беше да го доведат Маверик Вињалес во Дукати, а откако официјално беше објавено дека Вињалес останува во Јамаха до 2022, сега тимот ќе треба да размислува на друга страна.

„Секој производител има своја проценка на ситуацијата и тие постојано контактираат со сите возачи за нивната иднина. Знам и Сузуки дека контактираше со Вињалес, но тој останува во Јамаха“ - изјави Далиња по крајот на тестот во Сепанг. „Во моментов нај паметна работа за нас е да почекаме да видиме како ќе се одвиваат работите“. - дополни тој.

Во однос на самиот мотоцикл Далиња признава дека имаат уште многу работа: „Задоволен сум од тестот но имаме уште многу работа заради новите гуми, тие бараат нов сетап во поглед на шасијата и електрониката. Собравме многу податоци од тестот па ќе работиме на подобрување пред следниот тест во Катар. Ќе имаме промени во машината, ништо спектакуларно но работи кои се надевам дека ќе донесат подобрувања. Истовремено работиме и на новата шасија која ќе ја зголеми брзината низ свиоците.“

Следниот тест ќе се одржи од 22 до 24-ти февруари на патеката во Катар, а шампионатот започнува на 8-ми март на истата патека.

Back To Top