„Со нетрпение чекаме да видиме како ќе се покаже гумата. Очекуваме да се урнат неколку рекорди“, Пиеро Тарамасо, менаџер во Michelin Motorsport.

Michelin официјално потврди дека во сезоната 2020 од MotoGP шампионатот, на тимовите ќе им биде достапна нова задна гума. Ова следува по серијата тестови кои беа извршени во текот на минатата година на неколку различни патеки.

Новата конструкција на пневматикот има за цел да ги подобри перформансите и стабилноста на возачите и машините. Тоа пак во превод значи подобри резултати.

После неколкуте приватни тестови, новиот пневматик за прв пат беше употребен веднаш по завршувањето на Гран При трката на Каталуња во јуни минатата година.

После тоа се оддржаа уште неколку тестови во Брно и Мисано. Сепак главниот тест беше на Филип Ајленд, патека позната по тоа што бара голема издржливост.

Michelin потоа на тимовите им достави и пневматици кои беа тестирани за време на постсезонските тестови во Валенсија и Херез.

За време на тестирањата, гумата беше споредена со неколку други пневматици кои одговараат на одредена патека како и со гумите кои возачите ги користат за тркачките викенди. Со тоа, компанијата имаше јасна претстава до каде е напредокот.

Michelin txt 15 01

Откако заврши анализата на сите податоци, техничарите на Michelin одлучија да го одобрат новиот пневматик.

„После серија на интензивни тестови, задоволство ни е да го објавиме претставувањето на новата задна гума“, изјави Пиеро Тарамасо, менаџер во Michelin Motorsport.

„Веќе подолго време работиме на овој производ. Откако ги добивме повратните информации од сите возачи ни стана јасно дека креиравме производ кој ќе обезбеди врвни перформанси.“

„Ги информиравме Dorna и IRTA за промените. За тимовите ги обезбедивме потребните спецификации со цел да можат да ги прилагодат мотоциклите и да обезбедат најдобри перформанси од задната гума.“

„Ова е прва промена на заден пневматик во две години и преставува важен дел од еволуцијата на нашите Michelin Power Slick гуми.“

„Новата конструкција е во линија со нашите цели за подобри и подолготрајни перформанси кои гарантираат конзистентност во текот на целата трка. Сега со нетрпение чекаме да видиме како ќе се покаже гумата а воендо очекуваме да се урнат и неколку рекорди.“

Минатата година, од 19 трки на календарот, на осум се уште важеа рекордите кои беа постигнати пред 2016 година: Аргентина, Остин, Муџело, Асен, Брно, Арагон, Мотеги и Филип Ајленд.

Новата задна гума повторно ќе се појави на патеката на претсезонските тестови, најпрво во Сепанг а потоа и во Лосаил. Веднаш потоа, на 8-ми март, следува и трката во Катар.

Back To Top