Кажете му на моторџија што вози дваесет или триесет години дека сте купиле нов кинески мотор и најчесто првата реакција ќе ја видите во гримасата на лицето, а потоа ќе слушнете: „Кинез!?“
И потоа следуваат стандардните прашања: А делови? А сервис? Што ќе биде со него за три години? Ќе почне ли сè да крцка и да ’рѓосува? И кој ќе ти го купи половен?
И да бидам искрен – јас сум дел од таа генерација.
Со години сме растеле со прилично едноставна поделба. Ако сакаш сигурен мотор, купуваш Honda, Yamaha, Kawasaki или Suzuki. Ако сакаш нешто поегзотично, гледаш Ducati, Aprilia, BMW, Triumph...
А ако на резервоарот пишува име што првпат го гледаш и некаде ситно стои „Made in China“, реакцијата најчесто беше: Не, фала.
Само што во 2026 година мото-индустријата повеќе не изгледа како онаа во која сме го создале тој рефлекс.
Поводот за овој текст дојде буквално вчера. ZXMOTO официјално пристигна во Македонија и го отвори својот прв продажен салон во Скопје.
Станува збор за многу млад бренд, основан во 2024 година, но зад него стои Zhang Xue, поранешен коосновач на KOVE, а неговата тркачка програма веќе донесе победи во World Supersport. Во Скопје стартуваат со продажба, сервис и резервни делови, а најавени се и demo мотоцикли и test-ride настани.
Но ZXMOTO е само најсвежиот пример.
Zontes одамна не е непознато име. CFMOTO веќе добро го познаваме. Voge, Kove, QJMotor и други кинески производители сè почесто се појавуваат низ Европа, на улиците, во салоните и во разговорите меѓу моторџиите.
И токму тука се поставува едно интересно прашање:
Дали кинеските мотори навистина толку многу се смениле – или можеби ние сè уште ги гледаме со очи од пред дваесет години?
Недовербата не се појави од воздух
Да не се преправаме дека моторџиите без причина се сомничави.
Првите генерации евтини кинески мотори што во поголем број стигнаа на нашиот пазар не оставија баш репутација по која денешните производители би сакале да бидат запамтени.
Финишот беше далеку од јапонскиот. Електрониката знаеше да биде авантура сама за себе. Метални делови и шрафови можеа пребрзо да покажат корозија, пластиките не секогаш старееја достоинствено, а резервен дел за некој модел понекогаш беше полесно да бараш по интернет отколку кај човекот што ти го продал моторот.
Не беа сите такви. Но беа доволно многу за да се создаде репутација.
И тоа е најголемиот проблем со кој денес се соочуваат новите кинески брендови. Фабрика можеш да модернизираш за неколку години. Можеш да купиш подобра опрема, да ангажираш инженери, да развиеш нов мотор и да ставиш компоненти од познати производители.
Но довербата не се купува така лесно. Honda ја гради со децении, Yamaha ја гради со децении, Kawasaki, Suzuki, BMW, Ducati... сите тие.
Кај нив не мора некој да ти објаснува што купуваш. Имаш десетици години искуства, тестови, дефекти, километражи, трки, половни мотори и мајстори што веќе ги знаат напамет.
Новиот бренд почнува од нула.
Синонимот за кинески „мотор“ од времето
Само што „Кинезот“ од 2026 веќе не е истиот Кинез
Доволно е денес да влезете во салон и да погледнете што се нуди.
TFT дисплеи, quickshifter, traction control, cornering ABS, електронски гас, cruise control, keyless системи, камери, квалитетни сопирачки и суспензии... И кинеските производители повеќе не се обидуваат да освојат купувачи само со ниска цена. Влегуваат во сегменти во кои до пред неколку години речиси и да ги немаше.
Спортски мотори, големи adventure модели, сериозни naked машини. Мотори со повеќе цилиндри и перформанси со кои директно влегуваат во територија што долго време беше резервирана за јапонските и европските производители.
ZXMOTO е интересен пример токму затоа што не се појавува со приказна од типот „евтин мотор за од точка А до точка Б“.
Нивниот 500RR е четирицилиндричен спортски модел со 470 cc и околу 84 КС, концепт кој практично исчезна од голем дел од средната спортска класа. Поголемиот 820RR користи сопствен трицилиндричен мотор, а токму платформата од таа фамилија е основата и на нивната WorldSSP програма.
Пред десет или петнаесет години кинеската понуда често можеше да се сведе на:
„Не е како јапонскиот, ама е многу поевтин.“
Денес сè почесто реакцијата е:
„Чекај малку... сето ова го добивам за овие пари?“
И тоа веќе е сосема поинаков разговор.
А можеби веќе одамна им веруваме на кинеските фабрики
Ова е делот во кој работите стануваат малку незгодни.
Затоа што, што всушност ни пречи? Каде е направен моторот? Или што пишува на резервоарот?
Современата мото-индустрија одамна не функционира по едноставната логика според која германски мотор мора да биде направен во Германија, италијански во Италија, а јапонски во Јапонија. Европските и јапонските производители со години користат фабрики, партнери, компоненти и цели производствени линии во Азија.
Benelli одамна е под кинеската Qianjiang група.
KTM и CFMOTO имаат длабока индустриска соработка.
Помалите BMW модели се произведуваат во Индија во соработка со TVS.
Triumph Speed 400 и Scrambler 400 се произведуваат во Индија преку соработката со Bajaj.
И тоа најчесто не ни пречи.
Кога на моторот пишува познато европско или јапонско име, никој не ја бара фабриката на Google Maps.
Но ако пишува ново кинеско име? Тогаш првото прашање повторно е: „Ама кинески е, така?“
Што значи дека можеби проблемот одамна не е само во производството.
Проблемот е во брендот залепен на резервоарот и довербата што ја врзуваме за неа.
„Германски“ инженери работат на BMW G310
Помладите моторџии немаат ист однос кон Кина
Тука веројатно лежи и најголемата генерациска разлика.
Некој што денес има дваесет години не пораснал во свет во кој „кинеско“ автоматски значи евтина копија од нешто западно или јапонско. Пораснал со телефони, лаптопи, дронови, батерии, телевизори, електрични автомобили и електроника произведени во Кина. За него кинеска технологија може да биде Xiaomi. Може да биде DJI. Може да биде Lenovo. Може да биде BYD. Тој нема исти спомени што ги имаме ние од првите евтини кинески скутери и мотори што стигнуваа на Балканот.
И кога ќе влезе во салон, можеби воопшто нема да започне со прашањето „од каде е?“
Ќе го интересира нешто друго: Колку чини? Колку коњи има? Каква електроника има? Какви сопирачки и суспензија? Колкава гаранција? Има ли сервис? Што велат луѓето што веќе го возат?
После тоа ќе отвори YouTube, ќе изгледа десет тестови, ќе прочита форуми и ќе си донесе заклучок. И можеби историјата на брендот нема да му значи дополнителни три или четири илјади евра.
Тука сепак ние „старите“ имаме еден многу добар аргумент
Спецификацијата е лесниот дел.
Може да направиш мотор што на хартија изгледа фантастично. Можеш да ставиш голем TFT, IMU, quickshifter, Brembo, камера напред и назад и уште десет работи што конкурентот ги нема.
Но мотор не се купува само за денот кога го земаш од салон.
Вистинскиот тест почнува потоа. Што ќе се случи кога после две години ќе откаже некој сензор? Колку ќе чекаш пластика после пад? Ќе има ли делови на лагер или секој шраф ќе патува два месеци? Дали сервисот навистина ќе знае што работи? Колку едноставно ќе помине гаранциска рекламација? Ќе постои ли истиот увозник по пет години?
И можеби најважното прашање кај нас:
Колку ќе вреди моторот кога ќе сакаш да го продадеш?
Тука старите производители имаат нешто што не може да се стави во рекламна брошура: Историја, мрежа, резервни делови, мајстори, половен пазар, и доверба стекната со време.
ZXMOTO, CFMOTO, Zontes, Voge, QJMotor и останатите не можат да прескокнат преку тоа. Мораат да го докажат.
Всушност, интересна е и изјавата на македонскиот претставник на ZXMOTO од вчерашната статија. Иако компанијата доаѓа со нови модели, мотоспорт и амбициозна технологија, од локалното претставништво нагласуваат дека добриот производ сам по себе не е доволен и дека мора да биде проследен со сервис, достапни резервни делови, гаранција и техничка поддршка.
И тоа веројатно е токму она што најмногу ќе ги интересира македонските купувачи.
Македонија сега станува интересен тест
До неодамна најлесно беше да кажеме:
„Абе нема ни салон, нема сервис, кај ќе го носиш?“
Сега тој аргумент полека исчезнува.
Кога брендот ќе отвори официјален салон, ќе организира сервис, ќе донесе резервни делови и ќе застане зад гаранцијата, тогаш заслужува барем да биде оценуван според истите критериуми како останатите. Не значи дека автоматски е добар.
Само значи дека: „Кинески е“ веќе не е доволна рецензија. Имаш добар мотор? Имаш добра цена? Имаш сервис? Имаш делови? Стоиш зад производот? Во ред. Тогаш да видиме што нудиш.
И реално, токму македонскиот пазар ќе даде дел од одговорот во следните неколку години.
Не каталогот или саемската презентација, сигурно не YouTube тестот од човек што моторот го возел два часа.
Туку сопствениците, луѓето што ќе ги возат секој ден.
Оние што ќе направат 20, 30 или 50 илјади километри. Оние што ќе паднат и ќе треба да нарачаат пластика. Оние што ќе имаат гаранциски проблем.
И на крај, оние што ќе ги стават моторите на оглас и ќе видат колку пазарот навистина ги цени.
Јас сè уште сум претпазлив
И тука веројатно сум ист како многумина од вас, постарите возачи.
Ако утре треба да дадам сериозна сума пари за мотор од бренд кој до вчера не постоел, нема слепо да се залетам. Ќе читам искуства, ќе гледам како се покажуваат моторите. Ќе ме интересира што се случува со сервисот и резервните делови. Од друга страна, веќе имаме примери како Столе кој на „кинезот“ му натепа повеќе километри во 24 часа отколку што некои возат во цела сезона.
Затоа и има една важна разлика.
Пред петнаесет години, кога некој ќе ми кажеше дека размислува да купи кинески мотор, одговорот ми беше: „Ни на крај памет да не ти е.“
Денес прво би прашал: „Кој модел?“
И можеби токму тоа најдобро покажува колку работите се менуваат.
Не знаеме уште како некои од овие мотори ќе изгледаат по пет години поминати на македонските патишта. Не знаеме како ќе изгледаат по 50.000 километри. Не знаеме колку ќе вредат половни. Не знаеме кои од денешните нови брендови ќе бидат големи играчи за десет години, а кои ќе исчезнат.
И токму затоа нема потреба ниту да ги величаме, ниту автоматски да ги отпишуваме.
На крајот, секој мотор треба сам да си ја заработи довербата. Со квалитет. Со километри. Со сервис. Со делови. И со сопственици што после пет години сè уште ќе кажат дека повторно би го купиле.
За крај, потеклото може да создаде предрасуда, ама довербата се заработува на пат.
Не е лошо ЗХМОТО, не е лошо...






Коментари