Pirelli го лансираше проектот „Tyre to Tyre“, чија цел е претворање на отпадните и истрошените гуми во суровини за производство на нови пневматици. Оваа иницијатива има за цел да го намали отпадот и да замени дел од примарните суровини со рециклирани материјали во производниот процес на компанијата, со што се зачувуваат природните ресурси и се намалува потребата од нивно ископување.
Во овој процес, Pirelli соработува со неколку партнерски компании за да се затвори кругот на производство. Проектот моментално е ограничен на собирање и рециклирање на гуми исклучиво од територијата на Германија, вклучувајќи ги и отпадните материјали од фабриката на Pirelli во таа земја, со надеж дека успешното спроведување ќе овозможи проширување на иницијативата на глобално ниво.
Технолошки процес на рециклирање
Во рамките на овој проект, компанијата Pyrum е задолжена за процесот на пиролиза, односно термичко разложување на материјалите на висока температура без присуство на кислород. Овој процес овозможува добивање на две вредни суровини: обновени саѓи (rCB) и масло од пиролиза на гуми (TPO). Обновените саѓи се со подобрен квалитет и директно се враќаат во европските погони на Pirelli, каде делумно ги заменуваат примарните саѓи.
Маслото од пиролиза потоа се испраќа до BASF, каде се преработува во хемиски производи како бутадиен и стирен. Преку пристапот на биланс на маса, рециклираната содржина се припишува на производите со ISCC PLUS сертификат. Овие материјали потоа ги презема компанијата Synthos, која произведува синтетичка гума со ISCC PLUS сертификат, наменета за висококвалитетни пневматици, која Pirelli повторно ја вклучува во своите производни процеси.
Цели и иднина на иницијативата
Овој проект претставува најсеопфатна примена на пристапот за кружно производство досега, демонстрирајќи како истрошените гуми можат да станат вреден ресурс во рамките на структуриран и следлив индустриски циклус. Со намалување на потребата од експлоатација на нови ресурси, Pirelli се обидува да го намали своето влијание врз животната средина и емисиите. Иако моментално операцијата е од помал обем и ограничена на Германија, доколку концептот се докаже како успешен, се очекува проширување на опфатот на програмата.
Доколку проектот е успешен, можеме да очекуваме дека во иднина враќањето на старите и истрошени гуми ќе носат дополнителен попуст при купувањето на нови.

Коментари