(Време на читање: 2 - 3 минути)


Франческо Бањаја го заокружува својот престој во фабричкиот тим на Ducati, ставајќи крај на една од најуспешните ери во историјата на италијанскиот производител во MotoGP. Разделбата, која симболично се одбележува на патеката „Рикардо Тормо“ во Валенсија, означува крај на осумгодишно партнерство кое го трансформираше Ducati во доминантна сила во современата ера на шампионатот.

Бањаја пристигна во Борго Панигале во 2019 година како дебитант, а низ годините прерасна во најтрофејниот возач на Desmosedici GP. Неговиот придонес беше клучен за освојувањето на светската титула во 2022 година токму на патеката во Валенсија, со што беше прекинат 15-годишниот пост на Ducati, а потоа следеше и одбраната на круната во 2023 година.

ducati peco 1

Како момче, Бањаја сонуваше за црвениот мотоцикл, инспириран од звукот на Ducati-то на неговиот вујко, што подоцна го мотивираше да стигне до светската сцена и да го носи бројот 1 на својот Desmosedici GP.

Клаудио Доменикали, извршниот директор на Ducati, истакна дека инвестицијата во младиот Бањаја ги постави темелите на најуспешниот MotoGP проект во историјата на компанијата. „Во 2022 година го остваривме сонот за враќање на титулата во Борго Панигале, што означи почеток на победничка серија без преседан“, изјави Доменикали, нагласувајќи дека врската со Бањаја надминува само спортски резултати.

Луиџи Дал’Иња, генералниот директор на Ducati Corse, се надоврза на ова, посочувајќи дека Бањаја бил референтна точка за тимот и клучен фактор во развојот на мотоциклот. „Тој беше протагонист на патувањето што го направи Ducati репер во современото MotoGP, оставајќи наследство што ќе трае со години“, додаде Дал’Иња.

ducati peco 2

Статистичка доминација во „црвената ера“

Статистиката на Бањаја со Ducati е импресивна и го потврдува неговиот статус на легенда на брендот:

  • 149 стартови: Апсолутен рекорд за возач на Ducati со Desmosedici GP.
  • 8 сезони: Две во Ducati Pramac Racing и шест во Ducati Lenovo Team.
  • 2 светски титули: Освоени во 2022 и 2023 година.
  • 2 вицешампионски титули: Освоени во 2021 и 2024 година.
  • 31 победа: Најуспешен возач во историјата на Ducati со овој модел.
  • 63 подиуми и 28 пол-позиции.
  • 14 победи на спринт трки и 23 најбрзи кругови.

Неговото патување започна на трката за Големата награда на Катар во 2019 година, додека првиот подиум го забележа во 2020 година на патеката „Мизано“. Првата пол-позиција ја освои повторно во Катар во 2021 година, истата сезона кога ја запиша и својата прва победа на Големата награда на Арагон.

Пеко нема да настапи на последната трка од сезонава која викендов се вози во Валенсија заради повредата со која се здоби по падот во Катар. На негово место повторно ќе настапи Икер Лекуона.

Пријавете се за да ги добивате најважните содржини двапати неделно директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: