Во светот на MotoGP, каде што финансиските детали често се обвиткани со тајност, доаѓањето на новиот сопственик на шампионатот најавува поголема транспарентност околу трошоците. Едно од најинтересните прашања за фановите е поврзано со гумите, кои од 2027 година ќе ги испорачува Pirelli како ексклузивен снабдувач за MotoGP, Moto2 и Moto3.
Ерата на единствен снабдувач во кралската класа започна со јапонскиот бренд Bridgestone, кој ја имаше оваа улога од 2009 до 2015 година. Француската компанија Michelin ја презеде улогата во 2016 година и во 2026 ја завршува својата 11-та и последна сезона како снабдувач. Со новите технички правила и воведувањето на моторите од 850 кубика, Pirelli од 2027 година ќе стане единствен снабдувач за сите три класи во светскиот шампионат.
Кој ги покрива трошоците за гумите?
Џорџо Барбие, директорот на Pirelli за мотоциклистички трки, објаснува дека односот меѓу снабдувачот и промоторот е предмет на сложени преговори. Производителот на гуми му плаќа такса на промоторот, но истовремено преговара за покривање на дел од трошоците за производство, логистика, персонал и целата организација потребна за една сезона.
Производителот може да каже: „Јас сум единствениот снабдувач во MotoGP и плаќам такса – на пример, шест милиони“. Но потоа додавам: „Сите гуми ме чинат 36 милиони, а вие ги покривате тие 36 милиони“.Џорџо Барбие, директор на Pirelli за мотоциклистички трки
Барбие нагласува дека наведените суми служат само како пример и дека во изјавата не е наведена валутата. Не постои единствена фиксна цена или едноставен финансиски модел, бидејќи таксата и дополнителните оперативни трошоци се утврдуваат преку договор со промоторот.
Начинот на плаќање се разликува и меѓу класите. Тимовите во Superbike директно ги плаќаат гумите, а сличен систем се применува и во Moto2 и Moto3. Во MotoGP, барем според сегашниот модел, не е предвидено тимовите директно да ги плаќаат гумите.
Зошто MotoGP гумите не се продаваат?
За разлика од тркачките гуми што Pirelli им ги продава на своите клиенти во Superbike, MotoGP гумите нема да бидат комерцијално достапни. Со договорот е предвидено тие да не можат слободно да се купат, со што се спречува производителите самостојно да набавуваат гуми и да организираат приватни тестирања.
Контролата е строга, па производителите во текот на годината добиваат ограничен број гуми за тестирање – меѓу 170 и 260, зависно од нивната позиција во системот на концесии.
Што се однесува до димензиите, засега нема најавена промена во големината. На првиот официјален тест Pirelli ги користеше актуелните MotoGP димензии – тркала со дијаметар од 17 инчи, со ширина на бандажот од 4 инчи напред и 6,25 инчи назад. Профил на гуми, предна: 12/60-17 и задна: 20/69-17. Кај МотоГП гумите втората бројка не е процентуален профил како кај уличните 120/70 R17. Таа го означува приближниот надворешен дијаметар во сантиметри. Значи, предната е широка околу 120 mm и висока 600 mm, а задната е широка околу 200 mm и висока 690 mm. Сепак, развојот на предната и задната гума за моторите од 850 кубика сè уште трае, па конечниот профил, конструкцијата и смесите може да бидат дополнително приспособени пред почетокот на сезоната 2027.
Колку чини една MotoGP гума?
Точната цена на една MotoGP гума останува деловна тајна, но Барбие дава насока преку споредба со комерцијалната задна гума Diablo Superbike, која чини околу 290 евра. Според него, прототипите за MotoGP се произведуваат на истите машини и во истата фабрика во Бројберг, Германија, каде што се изработуваат и спортските гуми на Pirelli.
Главната разлика е во материјалите и во одредени делови од производствениот процес. Поради тоа, Барбие смета дека трошокот за производство на MotoGP прототипот не би требало драстично да се разликува од трошокот за комерцијалната тркачка гума, иако не ја открива точната сума.


Коментари