(Време на читање: 2 - 3 минути)


Мотоциклистите во Италија наскоро ќе можат законски да ги заобиколуваат колоните возила, а во одредени ситуации да ја користат и лентата за итни случаи на автопатите. Новиот закон за сообраќај, одобрен од италијанската влада, предвидува и казни за возачите кои нема да остават простор за поминување на мотоцикли и скутери.

Италија подготвува значајни промени во сообраќајните правила, кои би можеле сериозно да го олеснат секојдневното движење на мотоциклистите. Со реформата на Законот за сообраќај (Codice della Strada), одобрена од Советот на министри на 13 октомври 2026 година, се предвидува воведување посебни правила за движењето на мотоцикли и скутери во сообраќајни метежи.

pexels vicentiu stupar 271238340 12823089

Промените се особено интересни бидејќи првпат предвидуваат конкретна обврска за возачите на автомобили да остават простор за поминување на возилата на две тркала.

Автомобилите ќе мора да создадат коридор за мотоциклистите

Една од најзначајните новини е воведувањето на таканаречена „виртуелна лента“ (corsia virtuale). На одредени градски патишта со повеќе сообраќајни ленти, кога сообраќајот е запрен или се движи исклучително бавно, возачите ќе имаат обврска да остават слободен простор меѓу колоните.

Според предвидените правила, автомобилите во левата лента ќе треба да се придвижат што е можно повеќе налево, додека возилата во десната лента ќе треба да се држат кон десниот раб. На тој начин ќе се создаде коридор низ кој мотоциклистите и возачите на скутери ќе можат да продолжат со движењето, наместо да останат заглавени во колоните.

Мотоциклистите ќе можат да ја користат и лентата за итни случаи

Уште една важна промена се однесува на автопатите.

Во случај на сообраќајни несреќи, големи застои или значително забавување на сообраќајот, новите правила предвидуваат можност мотоциклистите да ја користат лентата за итни случаи. Сепак, тоа нема да значи неограничено право за возење по оваа лента.

Мотоциклистите ќе мора да се движат со мала брзина и во секој момент да овозможат непречено поминување на возилата на итната медицинска помош, полицијата и противпожарните служби. Целта на измените е да се намали изложеноста на мотоциклистите на опасностите поврзани со долготрајното стоење во сообраќајни колони, особено при екстремно високи или ниски температури.

Казни до 320 евра за оние кои нема да остават простор

Предвидени се и санкции за возачите кои нема да ја почитуваат обврската за создавање коридор.

Според објавените детали од предлогот, казните ќе изнесуваат од 80 до 320 евра, а покрај паричната казна е предвидено и одземање на два казнени поени од возачката дозвола. Тоа значи дека оставањето простор за мотоциклистите повеќе нема да биде само прашање на добра волја или сообраќајна култура, туку законска обврска во ситуациите опфатени со новите правила.

Кога ќе започнат да важат новите правила?

Иако италијанската влада го одобри новиот текст на 13 октомври 2026 година, измените сè уште не се во сила.

Предвидено е законскиот текст да помине низ надлежните парламентарни комисии, по што треба да следува негово конечно усвојување и стапување во сила. До тогаш остануваат важечки постојните сообраќајни правила. Доколку измените бидат конечно усвоени во предложената форма, Италија ќе направи значаен чекор кон појасно регулирање на движењето на мотоциклистите во сообраќајните метежи.

За мотоциклистите ова би значело не само побрзо движење низ колоните, туку и поголема правна сигурност во ситуации кои досега често биле оставени на толкување на постојните прописи.

Еве закон кој би било убаво да се ископира во Македонија!

Пријавете се за да ги добивате најважните содржини двапати неделно директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: