Yamaha Motor Europe официјално ги отвори пријавите за YZ BLU CRU FIM Europe Cup 2027, натпреварување наменето за млади мотокрос возачи на возраст од 8 до 16 години. Најдобрите учесници ќе добијат можност да настапат на големото SuperFinale, кое ќе се одржи од 8 до 10 октомври 2027 година во Асен, Холандија, во рамките на престижниот Motocross of Nations.
Програмата BLU CRU е создадена за откривање и развој на млади таленти, овозможувајќи им постепен премин од националните мотокрос првенства кон меѓународната сцена.

Три категории за млади возачи
За сезоната 2027 остануваат непроменети трите категории, поделени според возраста и мотоциклот со кој настапуваат учесниците:
-
YZ65: од 8 до 12 години
-
YZ85: од 11 до 14 години
-
YZ125: од 13 до 16 години
Возачите ќе се натпреваруваат во националните првенства низ Европа, а резултатите ќе бидат основа за избор на учесниците на завршниот настан.
Само 120 места на SuperFinale
Во текот на сезоната, регистрираните возачи ќе се борат за едно од 120-те места на YZ BLU CRU SuperFinale, кое ќе се одржи заедно со Motocross of Nations во Асен, од 8 до 10 октомври 2027 година.
Ова е можност младите возачи да ги покажат своите способности пред голема публика, претставници на фабричките тимови и луѓе од меѓународниот мотокрос.
Интересот за програмата постојано расте. Според Yamaha, во сезоната 2026 биле регистрирани повеќе од 900 возачи од над 30 држави.
Можност за професионална кариера со Yamaha
По завршувањето на SuperFinale, тројцата најдобри возачи од секоја категорија, двајца дополнително избрани учесници и најдобропласираната девојка во секоја класа ќе добијат покана за BLU CRU Masterclass.
Станува збор за дводневна тренинг-програма во која младите таленти ќе работат со искусни инструктори и амбасадори на Yamaha.
На крајот од програмата ќе бидат избрани возачите што ќе добијат дополнителна поддршка во сезоната 2028:
-
YZ125: еден возач ќе добие место во тим поддржан од Yamaha за настап во европскиот шампионат EMX125.
-
YZ85 и YZ65: по еден возач ќе добие дополнителна поддршка од Yamaha и GYTR компоненти за следната сезона.
Дали можат да учествуваат млади возачи од Македонија?
Програмата YZ BLU CRU FIM Europe Cup е наменета за млади мотокрос возачи кои настапуваат во европски национални и меѓународни првенства со соодветни Yamaha мотоцикли.
Иако Македонија не е наведена во официјалниот список на земји за онлајн регистрација, правилата на натпреварувањето не содржат изрична забрана за македонските возачи.
Засега останува нејасно дали младите натпреварувачи од Македонија можат директно да се регистрираат или треба да настапуваат преку првенство во друга европска земја.
Заинтересираните родители и возачи можат да побараат дополнителни информации директно од организаторот на
Пријавување до 28 февруари 2027
Пријавувањето за YZ BLU CRU FIM Europe Cup 2027 е отворено до 28 февруари 2027 година, во 23:59 часот.
Официјалната регистрација е достапна на:
https://www.yamaha-racing.com/blu-cru/yz-blu-cru-cup/register/
Коментари