Само шест дена по повредата на зглобот во Австралија, возачот на Aprilia доби зелено светло за продолжување на борбата за титулата.
Хорхе Мартин и официјално доби дозвола за настап на Големата награда на Малезија! По дополнителниот лекарски преглед во петокот наутро, возачот на Aprilia Racing е прогласен за способен да се натпреварува, само шест дена по повредата на десниот зглоб на Phillip Island.

По падот за време на спринт трката во Австралија, Мартин заработи скршеница на коската во десниот зглоб, поради што неговиот настап во Малезија беше под голем знак прашалник. Сепак, Шпанецот реши да не се откаже од борбата за шампионската титула.
Дванаесет круга беа доволни за зелено светло
На лекарскиот преглед во четвртокот, Мартин доби условна дозвола да учествува на првиот слободен тренинг (FP1), по кој требаше повторно да биде прегледан.
Во утринската сесија на патеката Сепанг, возачот со број 89 комплетираше 12 круга, а неговото најдобро време беше за помалку од две секунди побавно од најбрзиот круг на Марк Маркез (Ducati Lenovo Team). По тренингот, лекарскиот тим потврди дека Мартин може да го продолжи тркачкиот викенд.
Борбата за титулата продолжува
Оваа одлука е исклучително важна за развојот на шампионатот. Марк Маркез пристигна во Малезија како лидер во генералниот пласман, со само 10 поени предност пред Мартин.
Иако повредата сигурно ќе претставува дополнителен предизвик, светскиот шампион од 2024 година останува во игра за титулата. По драматичниот викенд во Австралија, кога падот на Мартин и откажувањето на неделната трка целосно ја променија ситуацијата во шампионатот, пресметката на Сепанг добива уште поголемо значење.
Мартин ја доби дозволата што ја чекаше. Сега останува да видиме колку ќе може да го издржи темпото во квалификациите, спринтот и главната трка. Трките викендов започнуваат во 8 часот наутро по македонско време, за целиот распоред кликнете овде.
Коментари