Викендот исполнет со многу возбудувања и инциденти заврши малку поинаку отколку што очекувавме. Кога пишувавме прилог за минатата трка дека присуствуваме на најава за инднината не ни очекувавме дека предвидувањето ќе се исполни толку брзо. А што видовме викендов?

MotoGP 

Ако тренинзите најавија ултра мали разлики меѓу натпреварувачите, тогаш можеме да се сложиме дека и трката не не разочара. Старт како од катапулт за Marc и Brad, за да им се замрсат конците на фаворитите. Кога сме кај Marc, да повториме дека по 3 и пол месеци се врати на патеките откако помина низ пеколот и назад, со онаа страшна повреда која никако да зарасне како што треба. Сега се чини конечно се враќа во нормала, кога е коската во прашање, мускулатурата и генерално подвижноста ќе бара повеќе време за комплетно заздравување. Но како што кажа и Шпанецот, најдобра вежба е тркањето. Иако најавата пред трка беше дека на оваа трка ќе оди со мисла за подготовка за остатокот од сезоната и за компетитивна следна сезона, сепак како на бик кога ќе му се замафне со црвено знаме пред очи, така и тој тргна како ракета по гасењето на црвените светла за старт на трката. Од 13-тата на шестата позиција по првите 2 свиока е се освен трка која треба да послужи како подготовка!? Е тогаш дојде на ред и третиот свиок во кој Marquez влезе прилично брзо, понесен од моќниот старт, по што почнува да му пролизгува задното тркало кон надворешниот дел од свиокот, најавувајќи хајсајд. Зад него го следи Fabio кој многу добро знае дека ако не ги реши овие пред него на почетокот на трката не може ни да се надева на добар пласман, за што впрочем и пред трка го намалува притисокот на предниот пневматик. Што повеќе време зад некој конкурент ја зголемува температурата на предниот пневматик, а со тоа и на притисокот во гумата, нешто што е рак рана на оваа категорија, но особено изразено кај Yamaha. 

Да се вратиме на инцидентот. За да се спаси од хајсајд пад, Marc отпушта гас, со што за момент успорува и се наоѓа директно на предното тркало на Fabio кој веќе планира да го претекне. Тука настанува контактот кој го праќа Французинот во аут, а го остава Marc оштетн заради предниот спојлер од моторот на актуелниот шампион, кој успеа да се заглави во задното тркало на Шпанецот. По неколку свиоци откако се гледаше чад од гумата на Marquez, дополнително со користење на механизмот за спуштање на моторот (shapeshifter) се набива делот од Французинот во задната гума по што Honda-та на Шпанецот почнува да влече во лево. Токму во тој момент до него поминува несреќниот Јапонец кој ни крив ни должен е вториот возач кој ја завршува трката во страшен пад. 

Токму ова се случи и ништо повеќе од ова. Нема неспортски маневри или намера во ниеден од двата инциденти. Несреќен сплет на настани. Можеби преабициозниот старт може да му се забележи на Marc, но дали можеме и смееме да очекуваме нешто поинакво од 8 кратниот шампион? Напад и само напад е нешто што му ја дефинира целата негова кариера. Можеби паузата од тркањето му ја намали способноста за проценување на ситуација, што и не е за чудење, затоа што тренинг е тренинг, трка е трка. Тука адреналинот и возбудата имаат своја улога. 

Од друга страна и Fabio можеби можеше да биде повнимателен. Тој се бори за титула и е лидер во поредокот.  

Ниту ние сме тие што се тркаме ниту сме бликсу до тимовите кои ги имаат сите параметри на увид, за да судиме за инцидентите кои секако се прогласени за тркачки несреќи. 

Толку.

Од сето ова Marc, за среќа, немаше повреди, Fabio, среќа во несреќа, имаше само изгореници на стомакот и набиен колк, а Taka помина најлошо. Скршена рака токму пред домашната трка која не се одржуваше 2 години во Пандемија. Штета за сите тројца. Дури можеше да помине и полошо за актуелниот шампион ако се земе предвид и втората несреќа која ја доживеа на скутерот на пат до амбулантата. Имено доживеа уште еден ни малку наивен директен судир, но за среќа без последици за што беше заслужна и кацигата која не ја извади. Возачот на скутерот немаше толку среќа и се здоби со повреди. К’смет!?

А кој профитираше? Pecco и Aleix најмногу ќарија секако. Можеа и повеќе. Да, ако не беше Enea да им ги помеша картите повторно. 

За разлика од минатата трка на која делуваше малку резервирано, и како да не сакаше да ги налути шефовите на Ducati, во оваа трка младиот предизвикувач отиде чекор подалеку и по првиот обид да претекне, по што изгуби концентрација и го врати водството во наредниот свиок, успеа да се прибере и да го гради нападот за крај. 

До толку ја контролираше трката возачот на Gresini (возејќи една година стар модел GP21), што се гледаше како на неколку наврати ја намалува брзина пред последната кривина, вежбајќи го последниот напад. 

Pecco немаше избор освен да го прифати поразот од идниот колега и да проба да се подготви подобро за следениот нивен дуел. А ќе ги има богами многу во идинина. Bastianini не потпиша договор со фабричкиот тим за следната сезона за да биде водоноша. Таа задача одлично ја работеше Miller кој не можеше да го следи темпото на најбрзите, и иако имаше одлични постигнувања за време на еден круг, сепак трката трае малку подолго и бара стратегија. Ако не успева да се неметне како победник со моторот на Ducati, тогаш што очекува Австралиецот да направи со KTM идната сезона? Ќе видиме.

На оваа трка го победи идниот колега Brad Binder кој единствен успева да направи нешто со австрискиот мотор. Очигледно им лежи оваа конфигурација и абразивноста на асфалтот затоа што по долго време се најдоа двата мотори на КТМ директно во Q2!

Aleix успеа да ги претекне и Brad и Jack, слично како во Асен, но сега не чекаше до последниот свиок на последниот круг, и го зема последното место на подиумот со што извлече максимум од ситуацијата. Реално покрај ментрономскиот Pecco и мега брзиот Bastia, не ни можеше повеќе, не само тој туку ниеден друг возач.

Со ова му се прибилижија на лидерот Fabio на 10 (Pecco) односно 17 (Aleix) бода разлика, па дури и Enea има шанса од далеку со 48 бода заостанување. 

Останати возачи вредни за споменување се Vinales кој од фаворит пред трка се претвори повторно во едно разочарување, па по одличниот низ на резултати наместо победа заврши на 13-то место. Сосема нејасно, како што сме впрочем и навикнати кога станува збор за осцилациите во резултатите на Шпанецот. Неверојатно. Иако ги посочува техничките проблеми и лошата комуникација со тимот, се чини дека старите духови повторно се будат во Шпанецот. Нервозните гестикулации кон механичарите од својот тим асоцираат на тоа. Штета.

Од друга страна импресионираше повратникот Crutchlow кој по две сезони надвор од активно натпреварување и повремени замени за возачите на Yamaha заврши како најдобра M1-ца на 14-тото место. Колку што е ова за пофалба за Британецот толку е за кудење тимот на Јапонците кој има еден возач на врвот од табелата и тројца возачи на дното.

Joan Mir откако се обиде да ги вози припремите, на крајот сепак реши да и даде шанса на повредата да се залечи како што треба и се повлече пред трка.

Moto2

Иако доминираше на тренинзите, Augusto Fernandez тргна од пол позицијата и делуваше недостижно во првата половина од трката се додека не го достигна Acosta, а потоа и Canet. Иако делуваше однадвор дека има проблем со максималната брзина, сепак се чини дека поголемата физичка градба на лидерот во шампионатот во комбинација со силниот ветер, не му одеа баш во прилог. Токму на долгиот правец пред последиот свиок губеше најмногу брзина. Не е страшно што заврши на крајот како трет затоа што главниот конкурент Ai Ogura заврши зад него на четвртата позиција со што уште за нијанса ја зголеми предноста во генералниот пламан. А неговиот тимски колега делуваше непобедлив како минатата сезона во најмалата класа. После тешката повреда ова му втора победа сезонава и потврда дека сепак се работи за ултра талент. 

Покрај Canet, Fernandez и Ogura кои се борат за титула, Vietti делуваше непрепознатливо и како да почна да се движи по некоја надолна спирала по јакиот старт на сезоната. Нема уште многу време да ги стигне остантите и, како што кажа и хрватскиот коментатор, како да го фати синфромот на Lorenzo Baldassasri кој по доминантната прва половина од сезоната 2019, успеа на крај да се изгуби комплетно и себе и титулата.

Moto3

Оваа класа не ни понуди забава на која сме навикнати, само затоа што лидерот во поредокот успеа да им избега на останатите, повлекувајќи ги со себе Sasaki и Holgado. Навистина нетипична трка за најмалата класа ако се земат предвид досегашните трки во кои вообичаено има неколку претекнувања за водство во само еден свиок, камоли во еден круг или цела трка. 

Како и да е, младиот Шпанец си ја одработи без грешка целата трка и сега веќе ја потврди првата позиција во генералниот пласман. За да биде задоволството поголемо, неговите главни конкуренти Garcia и Foggia завршија многу ниско на 13-то и 14-то место. На крајот одеше на раце по завршувањето на успешната трка и сега конечно се одвојува како фаворит за титулата.

И можеби оваа класа не понуди многу возбуда на патеката, но вон патеката имаше една необична котроверзна ситуација.

Лошата навика на следење побрзи возачи за да се искористи идеалната траекторија и да се постигне подобар резултат од тој што го следите, како последица на заветрината кој ја користите, доведе до еден бизарен момент. Двајца механичари од тимот на Max Biaggi Husquarna, физички му го попречија патот на помладиот Fernanrdez на KTM во Q2 кога се обиде да го следи нивниот возач. Секако дека се казнети и парично и со дисквалификација на 2 трки, но ова веќе потсетува на фудбалски методи наместо мотоциклистички.

Се селиме на јапонскиот остров каде покрај краткото време кое ќе ги помести тренинзите, за нормален викенд ќе ни пречи и најавата за невреме кое може и да го поремети целиот распоред.

Back To Top

Благодарност!

Ви благодариме за тоа што споделувате содржини и го поддржувате нашиот веб сајт.