Менаџерот на Андреа Довициозо вели дека Италијанецот е подготвен да го замени Марк Маркез на тестот во Катар.

Андреа Довициозо ќе биде подготвен и достапен за настап на претсезонскиот тест но и за враќање на патеката за време на сезоната 2021 доколку на Honda и треба замена за повредениот Марк Маркез.

Менаџерот на Италијанецот, Симоне Батистела, вели и дека би прифатиле да бидат оценети од страна на HRC за време на тестот во Катар.

„Тоа би било добро за да се запознаат и да видат како ќе му оди на Андреа со мотоциклот“, вели Батистела. „Зборуваме за победнички мотоцикл и возач кој секогаш има добар настап во Катар.“

Но во моментов нема воспоставено контакт од страна на Honda. Нивниот тест возач, Стефан Бредл, кој го замени Маркез минатата година, се чини дека е прв избор доколку Шпанецот не може да настапи.

„Се уште немаме разговарано но можам да потврдам дека Андреа е подготвен. Тој тренира мотокрос. Иако тоа е на аматерско ниво, интензитетот сепак е голем и е слично како да станува збор за целосен претсезонски тест. Оваа година тој ќе работи напорно за да биде подготвен за сезоната 2022.“

Откако ја скрши десната рака во јули минатата година, Маркез мораше да замине на дури три операции.

Плочката која му беше првично вметната се скрши откако Шпанецот се обиде да се врати на патеката. Третата операција пак мораше да се изврши поради инфекција на раната.

Поранешниот шампион се уште прима антибиотици. Батистела смета дека во февруари ќе се дознае дали возачот со број 93 ќе биде подготвен за тестот во Катар но и за стартот на сезоната.

Andrea Dovizioso txt 27 01

„На Андреа но и на мене ни е многу жал поради тоа што му се случува на Марк. Во моментов Honda прави проценки кога тој ќе може да се врати на патеката. Според мене, тие се плашат да не направат грешка. Следниот месец очекувам конечна одлука.“

„Ние веќе одбивме неколку понуди за тест возач за да може Андреа да прави нешто друго но и за да биде подготвен веднаш да се врати на патеката.“

Иако Honda не сака да открие кога Маркез ќе се врати на патеката, сигурно нема да брзаат и ќе чекаат инфекцијата да ја снема а раната целосно да заздрави. Само тогаш можеме да очекуваме Марк да се врати на патеката.

„Искрено, не верувам дека Honda ќе дозволи Андреа да ја почне сезоната а потоа, некаде на средина или кон крајот на сезоната, да се откажат од неговите услуги. Исто така не е изводливо ниту тој да почне да вози заедно со Пол Еспаргаро а потоа кога Марк ќе биде подготвен, Honda да додаде уште еден мотоцикл на патеката. Мислам дека нема многу опции кои може да ги разгледаме“, вели Батистела.

Според моменталната ситуација, големи се шансите Довициозо, кој шест пати има завршено на подиумот во Катар и кој го освојуваше второто место помеѓу 2017 и 2019 година, првата трка од сезоната да ја следи како гледач.

„Самата помисла дека е можно првата трка од сезоната да ја гледа од дома, воопшто не е лесна“, вели Батистела.

Back To Top