Неизвесен настапот на Марк Маркез на првиот MotoGP тест. Актуелниот шампион се уште се опоравува по операцијата на рамото.
MotoGP шампионот Марк Маркез, вели дека се уште не е доволно опоравен по операцијата која ја имаше на рамото и дека не може со прецизност да каже дали ќе биде подготвен за првиот официјален MotoGP тест кој ќе се оддржи помеѓу 7-ми и 9-ти февруари.
За време на последниот MotoGP тест кој се оддржа во Шпанија, Маркез го дислоцира десното рамо. Слична повреда доживеа и на патеките во Тајланд и Малезија.
Беше одлучено што е можно побрзо да замине на операција со цел да има доволно време за опоравување пред да почнат официјалните тестови.
Пред точно една година, Маркез имаше иста ваква операција но овој пат на левото рамо. Сепак, Шпанецот се надева дека сега побрзо ќе се врати во форма.
„Би сакал рехабилитацијата да биде подобра“, изјави Маркез неодамна.
„Минатата година имав операција на левото рамо и рехабилитацијата беше поинаква. Овој пат, иако изгледа полесно, сепак не е се така едноставно. Искрено се надевам дека ќе бидам подготвен за тестот во Малезија.“
Дали би можел Марк Маркез да го пропушти стартот на MotoGP тестовите?
Шпанецот ништо не препушта на случајноста и сигурно изјавата дека можеби нема да биде целосно подготвен за стартот на тестовите е наменета за неговите ривали.
Сепак, сигурно е загрижен за неговата здравствена состојба со оглед на тоа дека имаше сериозни повреди на двете рамења. Иако Маркез беше одличен минатата сезона, сепак тој беше возачот кој имаше најмногу падови за време на тркачките викенди.
Всушност, од 2013 година па се досега, ниту еден возач нема паднато повеќе пати од него. Неверојатна статистика со оглед не големиот број на титули кои ги освои.

Коментари