Казната за Марк Маркез беше поништена со одлука за прифаќање на жалбата која тимот ја упати до апелациониот суд на ФИМ.
„Судот процени дека казната од двоен долг круг за Марк Маркез беше реализирана со неговото отсуство на следната трка која се возеше во Аргентина. На Марк Маркез со ова му е дозволено да настапи на било која следна трка без обврска да ја исполни казната“ - стои во соопштението од апелациониот суд на ФИМ.
Сѐ уште не е познато дали Маркез ќе настапи на трката на Ле Ман овој викенд.
По првичната одлука да се одложи казната тимот на Repsol Honda ја објави следнава изјава:
„Во врска со санкцијата наметната од ФИМ на Марк Маркез за инцидентот на трката што се случи на Големата награда на Португалија, тимот на Repsol Honda смета дека измената на казната се состои од промена на критериумите за тоа кога треба да се примени казната, и дека оваа модификација беше издадена од FIM два дена откако првичната санкција беше конечна и не е во согласност со тековните прописи на FIM за Светскиот шампионат MotoGP™. Поради оваа причина, Repsol Honda Team има намера да ги искористи сите средствата за регрес што ги нудат важечките прописи за да ги брани своите права и легитимни интереси, за кои смета дека се повредени како резултат на последната усвоена резолуција, а особено уредно поднела Жалба пред Апелационите стјуарди на ФИМ“.
Да потсетиме, првичната казна беше двоен долг круг на следната трка, а потоа беше објавено дека Маркез нема да настапи на трката во Аргентина, па ФИМ издаде дополнување во кое појасни дека казната ќе треба да се „одлежи“ на следната трка на која тој ќе настапи.
Со одлуката на апелациониот суд оваа одлука не важи и казната се смета за „одлежана“ па Маркез ќе може во целост да настапи на следната трка.