Фабио Ди Џанантонио повторно се искачи на врвот во МотоГП за првпат од 2023 година, освојувајќи го Гран При на Каталонија во трка исполнета со пресврти, инциденти и две црвени знамиња.
Возачот на VR46 успеа да ги надмудри Жоан Мир и Фермин Алдегер, кои првично завршија на подиумот, но казната за притисок во гумите на Мир по трката го промовираше Франческо Бањаја на третото место.
Почетните 11 круга
Трката започна хаотично уште пред да се изгаснат светлата. Бред Биндер имаше проблем на стартот и мораше да влезе во боксот, додека неговиот тимски колега Педро Акоста имаше совршен старт и поведе пред Алекс Маркез. Но, веќе во првиот круг, Раул Фернандез и Хорхе Мартин влегоа во агресивни дуели, а Јохан Зарко едвај избегна рано паѓање во кривината 10.
Акоста создаде предност, но зад него се водеше жестока борба. Зарко, Мартин и Маркез постојано разменуваа позиции, а во меѓувреме Марко Безеки, лидерот во шампионатот, направи голема грешка во кривина 10 и падна назад во поредокот.
Во седмиот и деветтиот круг, Акоста и Фернандез неколку пати си го разменуваа водството, додека Маркез се приклучи во битката. Но во 12-тиот круг се случи клучниот момент: Акоста доживеа технички проблем на излез од кривина 9, по што Алекс Маркез удри во него и доживеа тежок пад. Остатоците од моторите ги зафатија и Фернандез и Ди Џанантонио, кои исто така паднаа. Следеше црвено знаме.
— Cerfia (@CerfiaFR) May 17, 2026
За среќа, Алекс Маркез од стравичниот пад помина „само“ со мала фрактура на седмиот цервикален пршлен (C7) и фрактура на десната клучна коска, која ќе биде санирана со операција и стабилизирана со метална плоча.
Првото рестартирање
Рестартот беше закажан на 13 круга. Акоста повторно поведе, но во првата кривина дојде до нов инцидент: Лука Марини, Бањаја и Зарко паднаа заедно, што предизвика уште едно црвено знаме. Зарко беше пренесен во болница поради повреда на ногата.
— Michele 🏎️🏎️ (@Megheee_) May 17, 2026
Од оваа неверојатна незгода Зарко помина со релативно лесни повреди, скинати лигаменти и повредено колено, но за среќа фемурот не е скршен.
#CatalanGP 🏁 pic.twitter.com/7822SUwp8v
— MotoGP™🏁 (@MotoGP) May 17, 2026
Видеата ги објавуваме откако двајцата возачи потврдија дека се во стабилна состојба.
Второто рестартирање
Со 12 преостанати круга, трката започна повторно. Акоста поведе, Мартин се искачи на второто место, а Фернандез беше трет – сè до контактот меѓу него и Мартин во кривина 5, по што Мартин заврши во чакалот.
Напред, Акоста водеше пред Мир и Бањаја, а Ди Џанантонио брзо се проби до третото место. Потоа Алдегер го нападна Бањаја, а групата од пет возачи се спои во борба за победа.
На пет круга до крајот, Ди Џанантонио го помина Мир и тргна во лов на Акоста. На три круга до крајот, во кривина 10, Италијанецот го презеде водството со прецизен потег.
Акоста не успеа да одговори – напротив, во последната кривина, Аи Огура се судри со него во обид за престигнување, по што Акоста испадна од трката.
Финален расплет
Ди Џанантонио ја освои својата прва победа за VR46, а Мир и Алдегер ја поминаа целта зад него. Но казната за Мир поради притисок во гумите го промени подиумот: Бањаја беше промовиран на третото место.
Огура доби казна од три секунди за контактот со Акоста, што го фрли на 9-то, а потоа на 8-мо место по примената казна на Мир.
Безеки заврши четврти – важни поени по тежок викенд и падот на Мартин. Во топ 10 завршија и Куартараро, Марини, Биндер, Мореира и Морбидели.
Следно: Муџело
Барселона ни подари драматичен ден и потсетник дека секој МотоГП возач е вистински суперхерој. Им посакуваме брзо закрепнување на Алекс Маркез и Зарко, а шампионатот продолжува во Муџело, каде Безеки ќе настапи на домашен терен како лидер во генералниот пласман.


Коментари