Иако моторциклизмот во Македонија последниве години доживува вистинска експанзија, бројките откриваат нешто што одамна го чувствуваме на терен: жените сè уште се огромно малцинство.
Според податоците што ги добивме од неколку автошколи во Македонија, жените сочинуваат едвај 5% од кандидатите за А категорија - бројка која се поклопува и со светските трендови, каде жените се движат околу 7–10% од сите полагачи.
Кандидатка во авто школа Мартин
Но зошто е тоа така? И што може да се направи?
Статистиката е јасна: жените се реткост на часовите за мотор
Од автошкола Мартин ни потврдија дека интересот за полагање расте, но родовиот јаз останува огромен:
Жени: 4.2% Мажи: 95.8% (на примерок од над 200 кандидати, сите категории АМ, А1, А2, А)
Причините, велат, често се практични:
Проблем е за тие што се почетници што треба да полагаат со мотори над 600cc ради тежината на моторот… Исто така тие што се ниски имаат голем проблем пак ради тежината. Автошкола Мартин
Од останатите авто школи со кои контактиравме искуството е исто, ретко во која од нив бројката на жени кои полагаат за мотор надминува 5% на годишно ниво.
Кандидатка во авто школа Мобилити Плус (АМСМ)
Недостиг на автошколи со обука за А категорија — уште една пречка
Во Македонија, изборот на автошколи што нудат квалитетна обука за мотори е ограничен. Некои кандидатки велат дека морале да менуваат автошколи — или барем да се обидат — за да најдат инструктор кој им одговара.
Искуството на Виолета
Виолета има богато искуство со неколку автошколи:
„Полагав во МАКСИГНАЛ. Сега не постојат, но сум презадоволна. Обука имав во ДЕНИ БО кај мостот на Влае, но не бев задоволна. Среќа ме примија во Максигнал да продолжам со обука и полагање…“
Подоцна, иако веќе имала дозвола, повторно земала часови за освежување:
„Пред некоја година, иако имам дозвола, уплатив во BRM BRM во Ѓорче. И од таму сум задоволна.“
Ова покажува дека жените често мораат да вложат повеќе време и труд за да најдат средина во која се чувствуваат сигурно.
Висината — потценет, но реален проблем
Многу инструктори потврдуваат дека ниските кандидатки имаат потешкотии со тежината и висината на моторите. Тоа го потврдува и Милена, која со своите 160 cm се соочила со предизвик уште на старт:
Приказната на Милена
„Жена 39 год., метар и шеес-еден (многу битен еден :)) ќе полага за А категорија… Предизвиците беа ограничениот избор на автошколи и изборот на мотори, и мојата ‘ограничена’ висина.“
Но со добра мотивација и поддршка, успеала:
„Инструкторот ми раскажуваше за едно мило девојче што исто зема часови… се погодивме заедно да полагаме. Мене ми беше прво полагање, неа за жал трето. Тој ден двете положивме и тоа беше момент кога почна едно длабоко и искрено пријателство.“
Денес, двете возат заедно, а нејзината пријателка е веќе мајка на три „идни моторџичиња“.
Зошто жените сепак се решаваат да возат?
Иако бројките се мали, трендот расте. Причините се различни:
-
желба за слобода и независност
-
избегнување на градските гужви
-
економичност
-
адреналин и забава
-
поддршка од партнер, пријатели или инструктор
Инструкторите велат дека жените често се повнимателни, пофокусирани и побрзо ги совладуваат техниките, но им треба повеќе охрабрување да го направат првиот чекор.
Што треба да се промени?
1. Повеќе автошколи со обука за А категорија
Особено со мотори со пониска висина и тежина, прилагодени за почетници.
2. Повеќе инструкторки
Многу кандидатки велат дека би се чувствувале поопуштено со жена-инструктор.
3. Кампањи за охрабрување
Жените треба да видат дека моторциклизмот не е „машки спорт“, туку отворен за сите.
4. Подобра инфраструктура и безбедност
Со растот на „safe city“ концептот, моторите стануваат практично решение — и за мажи и за жени.
Заклучок: Жените кои сакаат да возат не се малку - само не се доволно охрабрени
Жените во Македонија кои возат мотори не се малку затоа што не сакаат, туку затоа што системот не им го олеснува патот. Но приказните на Виолета, Јулија и многу други покажуваат дека кога ќе се најде вистинската поддршка, жените не само што полагаат - туку стануваат одлични моторџики, дел од мото заедницата и инспирација за следните генерации.
А можеби токму оваа година ќе биде годината кога процентот од 5% конечно ќе почне да расте.
Дами, само напред!

Коментари