(Време на читање: 2 - 3 минути)


Ако минатиот пат, „поттикнат“ од разочараноста од индиферентноста, апатијата и се поголемата рамнодушност од страна на голем број граѓани, за се што се случува околу нив, па решив да позборувавме за тоа како мото-културата е последната тврдина на емпатијата во едно сè пооттуѓено општество, минатата недела добивме доказ кој не само што ги потврдува тие зборови, туку и ја подигнува скалата на хуманоста на едно сосема ново ниво. Додека многумина (меѓу кои на моменти и јас) сè уште се прашуваат дали воопшто останаа добри луѓе подготвени да помогнат без никаков интерес, одговорот пристигна директно од срцето на Македонија – од мојот Велес.

Моторџиството и крводарителството навидум се два сосема различни света. Првиот го поврзуваме со брадести момци, со кожни јакни, тетоважи и брзи мотори кои се карактеризираат со „бунтовнички“ стил на живот, бучава, брзина, адреналин и слобода на отворениот пат; вториот свет е свет на тишина, смиреност и спасување животи во болничките соби. Но, за оние што ја живеат вистинската мото-култура, овие две нешта се неразделни. За нив, дарувањето крв не е само хуман гест, туку морална обврска и дел од непишаниот братски кодекс. Луѓето кои секојдневно се соочуваат со ризиците на асфалтот, најдобро ја знаат вредноста на секоја капка крв и на секој спасен живот.

cross bearers mk krvodaritelna

Токму тој кодекс минатата недела го покажа своето најсилно лице. Мото-клубот „Cross Bearers“ од Велес организираше крводарителска акција која не беше само уште еден успешен настан во низата, туку вистински историски подвиг. Со собрани неверојатни 201 крвна единица, оваа акција го сруши рекордот на сите досегашни крводарителски акции од ваков вид. Бројката од 201 единица крв не е само сува статистика. Тоа се стотици потенцијално спасени животи, стотици семејства на кои им е вратена надежта и огромен „шамар“ за сите предрасуди со кои со години се соочуваат љубителите на моторите. Додека општеството често знае да не погледне попреку поради жестокиот и „опасен“ изглед, „Носачите на крстот“ и нашите пријатели од другите мото клубови, гости од странство и нашите сограѓани, покажаа дека под кожените елеци чукаат најголемите срца на една од најорганизираните, најсолидарните и најхуманите заедници во нашето општество.

Овој успех во Велес не е случајност, туку резултат на континуирана работа, другарство, братство и искрена желба да се направи нешто добро за заедницата. Тоа е доказ дека кога моторџиите ќе се обединат околу некоја кауза, не постојат граници и рекорди што не можат да бидат срушени. Тие не чекаат некој друг да ги реши проблемите и да ги наполни резервите во трансфузиологија – тие седнуваат на своите машини на две тркала и „бучно“ доаѓаат, ја подаваат раката и даваат дел од себе, затоа што низ нивните вени не тече само адреналин, туку и живот за другите.

Во време кога сè помалку луѓе се одлучуваат за било каков хуман гест, посебно да даруваат дел од себе, ваквите акции се „светлото на крајот од тунелот“. Мото клубовите, а во случајов Велес и мото-клубот „Носачи на крстот“ и нашите пријатели, одржаа лекција што долго ќе се памети: „Вистинската сила не се мери во коњските сили под резервоарот, туку во подготвеноста да му дадеш живот на некого кого можеби никогаш нема да го запознаеш.

Моторџиите уште еднаш докажаа дека низ нивните вени тече чиста човечност.

Чест и гордост е да си дел од оваа заедница!

На здравје до следната уште поуспешна крводарителска акција!

ivicaИвица Пренџов
Претседател на мото клуб „Носачи на крстот“ - Велес

 

Ставовите и мислењата изразени во категоријата Колумни се на авторите и нужно не ги одразуваат официјалните позиции на Мотори.ком.мк

Пријавете се за да ги добивате најважните содржини двапати неделно директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: