Следен во серијалот од интервјуа со македонските мотоциклисти кои се натпреваруваат на меѓународни натпревари е Слободан Ивчески.
Разговараме со Слободан Ивчески - Цобо, ветеран во македонскиот мото спорт, човек кој минатата сезона настапуваше во македонскиот и БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам во класата Супербајк.
- За оние кои не те познаваат, може ли да кажеме од кога се занимаваш со мотоциклизам?
Првата трка ја возев во 1993 година, и од тогаш не сум застанат. Возев трки со супермото, мотокрос, брзинец... Првата трка во 1993-та ми беше со мотокрос, возевме на патеката во Скопски саем, тоа беше налик на суперкрос трка, ја памтам како вчера да беше, февруари, снег имаше, ладно но убаво! Потоа возев брзински во Кичево со Кагива Мито и од тогаш не сум прекинал со трките.
- Го промени мотоциклот пред почетокот на новата сезона, зошто се одлучи за Јамаха?
Ги следам тестовите на новите мотори постојано, и читајќи за Јамахата помислив дека тоа е моторот за мене. Станува збор за мото кој навистина лесно се вози, ја има сета потребна електроника која недостасуваше на мојот претходен мотор и сега откако ја купив и пробав се уверив дека навистина е така. Добив и одлична поддршка од Мото Азуро па ја сум пре задоволен од изборот.
- Дали ќе има промена во екипата која беше со тебе минатата сезона?
Екипата останува иста, сам свој мајстор :)
- Кој те помага, на кого се должи твојот успех?
Имам поддршка од Мото Азуро, тука секако е Адора Инженеринг на кои сум им крајно благодарен, а како спонзори би сакал да ги спомнам и ПСС, Affectli, Мото Трејд, а потоа би им се заблагодарил и на Агенцијата за Спорт и Млади.
- Какви се твоите очекувања за оваа сезона?
За новата сезона подготовките ги започнав во ноември, тренирам сериозно и јас се надевам на успех. Возам крос, тренирам физички и мислам дека сум подготвен. Секако очекувањата ми се големи, јас постојано атакувам на подиумот, но дали тоа ќе се оствари ќе зависи од новиот мотор. Сѐ уште го немам пробано на патеката но мислам дека ќе бидам конкурентен.
- Што ќе сметаш за успех, а што за неуспех?
Успех за мене е подиумот, секогаш атакувам на прво место, не ја гледам конкуренцијата и се борам за највисокото место на пиедесталот.
- Минатата сезона беше успешна со оглед на мотоциклот со кој се натпреваруваше, дали мислиш дека кога би имал конкурентен мотоцикл би можел да се носиш рамо до рамо со водечките?
Минатата сезона ја завршив на шестата позиција во генерален пласман во класата Супербајк, односно второ место во класата Супербајк над 40 год. Беше тешко бидејќи ги пропуштив првите две трки во Серез заради промена на класата, моторот беше навистина стар (2008) и неконкурентен. Да имав нов мотор сигурен сум дека ќе имав подобар пласман. Во секој случај не гледам назад, тоа е што е, се фокусирам сега на Супербајк и погледот ми е само напред.
- Кога би можел да го одбереш било кој мотор во светот, што би возел?
Ух, тешко прашање. Веројатно повторно би се одлучил за Јамаха, можеби и новото Дукати, има навистина неверојатни перформанси!
- Дали мислиш дека мото спортот во земјава е на потребното ниво?
Искрено мислам дека сега се работи добро во однос на мото спортот, многу подобро од порано. Задоволен сум од работата на претстедателот на МФМ и мислам дека е на вистинскиот пат. Нашиот клуб пријави трки за следната сезона, ќе организираме трки со скутери и супермото, а во најава е и трка за мини-мото. Мораме да работиме на развивање на „нови деца“, млади таленти кои ќе ги изведеме на прав пат и ќе им ја пренесеме љубовта кон мотоциклизмот.
- Дали изградба на мото патека во Македонија би помогнала во подигнувањето на нивото?
Да, да, секако! Сигурен сум дека со изградбата на новата патека мото спортот ќе биде на едно многу повисоко ниво.
- Каков возач си на улица?
Хаха, на улица си возам „папаки“. Шала на страна ама навистина возам „домаќински“. Возам полека и по прописи, а моторот си го качувам на приколка, одам на тркачка патека, и таму покажувам што можам. Возењето брзо по улица е лудо, покажувањето кој може и што може се прави на патека, не на улица!
- Дали твојот мотоцикл е подготвен како оние на конкурентите во твојата класа?
Сигурно дека нема да биде. Моторот е 2016 година, но е далеку од нивото на конкурентите. Потребни се околу 50.000 евра за моторот да биде на нивото на водечките во мојата класа, плус потребни се нови гуми за секоја сесија, а искрено во моментов јас сум далеку од тој буџет.
- За оние кои размислуваат да почнат со мото спорт, грубо земено, колку средства би им биле потребни?
Почетник може да вози и две трки со еден сет гуми, тоа значи трошок од 500 евра по трка, а самиот мотор со кој може да почне па да се надградува може да се најде од 3000 евра па до кај 6000. За оваа сума може да се земе солиден мотор кој би бил доволен за старт.
- Што би им препорачал на оние кои возат несовесно по улиците?
Би им препорачал да возат внимателно, има многу сообраќај и навистина не е безбедно. Да најдат начин да дојдат на тркачка патека и таму да возат колку што можат побрзо, не на улица.
- Какви се твоите планови за во иднина?
Планот е да се изборам за добар пласман во мојата класа, а крајната цел е да возам на Светскиот шампионат во брзински мотоциклизам. Нашата федерација може да земе вајлд-карта за таков настап па мојот план односно желба за иднината е настап на една трка од овој шампионат.
- За кого навиваш во МотоГП и Супербајк шампионатот?
Во Супербајк сум за Џонатан Реа но го следам и Топрак Разгатлиоглу, мислам дека ќе има одличен успех оваа сезона. Во МотоГП Валентино Роси е легендарен возач, но има и многу млади возачи кои мислам дека ќе постигнат одличен успех.