Домашни

Македонија добива тркачка патека!

Сонот на секој мотоциклист но и автомобилист во земјава наскоро ќе стане јаве. Македонија добива тркачка патека.

Следете нè на:

 

Сонот на секој мотоциклист но и автомобилист во земјава наскоро ќе стане јаве. Македонија добива тркачка патека.

На само десетина километри јужно од Кавадарци се наоѓа висорамнината Витачево, место на кое на пролет ќе биде започната градбата на „Race Track Vitachevo“ - првата тркачка патека во земјава. Се работи за проект кој долго се крчкаше но заради долгите административни процедури за добивање документација до сега не стана реалност. Конечно сè е подготвено и во моментов се избираат компании изведувачи за изградбата да започне.

Станува збор за патека со должина од 2300 метри, правец со должина од 650 метри и ширина на патеката од 15 метри на правецот односно 12 на останатиот дел од патеката. Наскоро се очекува и јавна презентација на проектот, а во меѓувреме разговараме со Александар Кичев, човекот нај заслужен за изградбата на првата тркачка патека во Македонија.

trkacka pateka makedonija

- Како дојде идејата за изградба на патека во Кавадарци?
Роден сум и живеам во Кавадарци, град кој покрај грозјето, виното и ракијата од секогаш важел и за моторџиски град. Постарите генерации паметат дека во Кавадарци долги години се организираа трки во брзински мотоциклизам кои се бодуваа за Југословенски шампионат. Исто така потекнувам од фамилија во која секогаш имало по некој вљубеник  во автомобилите и моторите па така и мене автомобилите и моторите а посебно моторите од секогаш ми биле пасија.

Секогаш кога гледав трки се прашував зошто и кај нас се нема изградено стаза за трки, а од секогаш сме имале талентирани возачи? До пред десетина години се организираа трки со мотори на воениот полигон во Кичево но поради немање безбедносни услови трките беа прекинати. Во меѓувреме имаше неколку иницијативи државата да изгради стаза но кога видов дека и тие иницијативи пропаднаа ми беше јасно дека стазата мора да биде изградена на приватна иницијатива па така да не чекаме “некој друг” да ни ја заврши работата, решив јас да бидам тој што ќе ја изгради.

- Поминавте трнлив пат додека се среди целата документација, имаше ли моменти кога бевте подготвени да се откажете?
Да патот беше трнлив и тежок и многу пати бев блиску да се откажам од идејата, за среќа имав многу голема поддршка од мојата фамилија и од пријателите кои знаеjа за идејата и кои ме мотивираа да продолжам понатаму. Морам да кажам дека дополнителна мотивација ми даваа и многуте сообраќајни незгоди со мотори, за жал многу од нив завршија трагично, па на сите ни се случило да изгубиме некој близок роднина, другар или пријател, заради немање место на кое ќе можеме безбедно да се тркаме, да ги провериме можностите наши лични или на моторот, едноставно кажано место каде што ќе може да се “издуваме” без да ги повредиме сообраќајните правила и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

- Колку траеше целата процедура?
Изнаоѓањето на погодна локација за стазата со добра конфигурација на теренот, можност за поврзување со блиска инфраструктура и осмислувањето на проектот одеше неполна година. Уште од сам почеток бев свесен дека административната процедурата ќе трае долго бидејки ова е прв проект од таков карактер во нашата држава, но не очекував да се појават толку многу пречки во текот на процедурата, па така целата процедура за изготвување на проектната документација и добивање на дозволи  ни одзема скоро четири години.

- Кој го изготви идејниот план за патеката?
Идејниот план во најголем дел е моја „креација“ во консултација со мои пријатели кои се искусни тркачи автомобилисти и мотоциклисти, а техничките детали ги изработи проектантско биро на мои пријатели од Штип.

- Се работи за навистина интересна конфигурација, од каде дојде инспирацијата?
Инспирацијата дојде од самата конфигурација на теренот, а како модел ми послужи Автодромот Тацио Нуволари во Италија, стаза со слична големина како нашата, а со сите елементи на техничка стаза. Целта е нашата стаза да биде повеќе техничка со различен радиус и нагиб во секоја кривина со цел да биде атрактивна за искусните возачи и да им овозможи одлични услови за вежбање на по неискусните возачи.

- Каков тип на асвалт ќе се користи, дали можеме да очекуваме подлога кој навистина ќе „држи“?
Со сигурност можам да кажам дека подлогата ќе “држи“, во моментов разгледуваме повеќе типови на асвалт со различни карактеристики што се користени на други автодроми во светот, многу е важно да избереме тип на асвалт кој освен што ќе држи треба да одговара и на нашите климатски услови и температурни разлики од -30 степени во зима до +40 степени во лето.  

- Кога ќе започне изградбата на самата патека и на помошните објекти?
Во моментов правиме геомеханички испитувања на теренот и избираме изведувачи кои ќе може да одговорат на предизвикот. Планираме да почнеме со изградба на пролет, се надевам дека на јавната презентација ќе може да соопштиме и точен датум за почеток на изградбата.

- Каков тип на авто-мото активности ќе можат да се оддржуваат на патеката?
Како и на сите стази во светот и на нашата стаза ќе се организираат нај различни авто-мото активности како брзински авто и мото трки, драг трки, трки со скутери, супермото, обуки за усовршување на техники на возење, разни презентации на нови возила, пневматици, нови технологии и се разбира track day каде што ќе може секој да дојде и да си се испроба со својот автомобил или мотоцикл.

- Дали размислувате за зголемување на должината на патеката во иднина и дали има услови за тоа?
Размислуваме за продолжување на патеката, целта е во иднина да стигнеме до должина од 3,5 до 4 км, има и услови за продолжување на стазата но продолжувањето исто така е поврзано со административна процедура па ќе мора да почека

- Колкав е капацитетот на патеката, колку најмногу коли и мотори ќе можеме на следиме на еден настан?
Наша проценка е дека на една трка ќе може да настапуваат околу 25 до 30 коли или мотори, но сепак тоа е работа на комисиите од FIM и FIA кои што ќе треба да издадат лиценца за стазата и да го одредат бројот на возила во трка.

- Какви ќе бидат цените, дали „трак деј“ ќе биде нешто што ќе можат да си го дозволат сите или пак само оние со по длабок џеб?
Цените ќе бидат прилагодени за наш стандард. Целта е да му овозможиме на секој авто или мото ентузијаст да дојде на стаза и да си го испроба возилото, со што директно ќе помогнеме да се намалат сообраќајните незгоди, а со тоа индиректно ќе го помогнеме и развојот на авто и мото спортот во Македонија. Тука морам да напоменам дека како и секаде во светот така и кај нас за влез на стазата ќе биде задолжително носењето на заштитна опрема.

- Да им појасниме на луѓето кои не се доволно упатени во целава приказна, кои се придобивките од изградба на еден ваков објект?
Придобивките од изградбата на стазата се бројни. Ќе се намалат дивите трки по булеварите и обиколниците, како што споменав и предходно директно ќе се намали бројот на сообраќајните прекршоци и незгоди, а со тоа ќе се спасат многу животи. Ќе се зголеми бројот на спортисти, многу од нив ќе почнат и професионално да се занимаваат со авто и мото спорт што значи стазата ќе помогне во развојот на авто и мото спортот и промоција на државата во странство. Значително ќе се збогати туристичката понуда на државата, а особено на Кавадарци, како пример ќе го земеме Серез во соседна Грција каде што сите хотели, мотели, ресторани, сервиси и многу други економски гранки во градот и околината егзистираат благодарение на луѓето кои ја посетуваат стазата во Серез.

- Како можат да ве контактираат потенцијалните спонзори за патеката?
Потенцијалните спонзори, а и сите оние кои на било каков начин сакаат да помогнат ќе може да се информираат и да не контактираат преку нашата веб страна која сѐ уште е во изработка.

- Дали има некој на кого би сакале да му се заблагодарите за досегашните активности?
Им се заблагодарувам на луѓето од авто и мото федерациите, на сите активни и бивши спортисти и вљубеници во авто-мото спортовите за несебичната поддршка и советите кои ми ги даваа. Посебна благодарност до луѓето од администрацијата и политиката, многу од нив иако немаат никаква допирна точка со авто-мото спортот на мое големо изненадување веднаш ја препознаа идејата и заедно изнаоѓавме решенија на сите пречки кои ни се јавуваа.

- За крај, она што сите ги интересира, кога можеме да очекуваме патеката да биде готова?
Очекуваме патеката да ја пуштиме во употреба оваа година, моја лична желба е ако успееме тоа да го направиме за време на “Тиквешки гроздобер” манифестација која се одржува во месец Септември, што би значело продолжување на традицијата за мото трки кои традиционално се одржувале за време на гроздоберот во Кавадарци.

motul makeodnija

Би можело да ве интересира

Damon престави две нови верзии на нивниот Hypersport модел. Машините имаат послаби перформанси но и нивната цена е помала.

Ducati престави лимитирана верзија на Diavel 1260 во чест на сестринската компанија, Lamborghini.

Преставена патеката по која ќе се вози релито Дакар 2021. Познатата трка повторно ќе се оддржува во Саудиска Арабија.

Honda повторно влезе во „big-bore“ крузер класата во 2021 со целосно новиот Rebel 1100, верзија на популарниот Rebel 500 која има поголем капацитет.

Данило Петручи вели дека бил многу тажен кога пред стартот на сезоната му било кажано дека нема да му биде продолжен договорот. Но сега, откако потпиша со КТМ, тимот кој изминатава сезона постигна три победи и осум пати се искачи на подиумот, Петручи вели дека е среќен поради таквата одлука на Ducati.

Kawasaki направи значајни промени кај познатиот ZX-10R за сезоната 2021.

Реклами

Листа на мото настани

Благодарност!

Ви благодариме за тоа што споделувате содржини и го поддржувате нашиот веб сајт.