Следен во серијалот од интервјуа со македонските мотоциклисти кои се натпреваруваат на меѓународни натпревари е Христијан Станковиќ.
За оние кои не те познаваат, кажи ни нешто повеќе за себе, од кога се занимаваш со мотокрос?
Епа вака некој може ме знае преку спортот, а за другите ќе се претставам, јас сум Христиан Станковиќ од Битола имам 19 години и се натпреварувам за мото клубот Ендуро Тим Водно - Скопје. Во овој спорт сум навлезен од 12 годишна возраст покрај мојот татко - повеќе кратен шампион на МК во ендуро и мотокрос.
Дали имаш во план настап на меѓународни трки оваа сезона?
Моментално сум во Германија на подготовки каде што планирам да останам до крајот на сезоната и да се натпреварувам на германскиот меѓународен шампионат со што би одел „напред“ и би привлекол некој уште подобар тим и спонзор.
Кој те помага, на кого би сакал да му се заблагодариш?
Овие 2 години се натпреварувам за Ендуро Тим Водно - Скопје, мото клуб кој што убедливо седи зад мене со помош на најдобриот меѓу најдобрите, претседателот на клубот Владимир Димов, Евроинс Осигурителна компанија и Мотул Македонија. Највеќе би сакал да се заблагодарам на мојата фамилија и посебно мојот татко-тренер за целата подршка што ми ја дава бидејќи без него немаше ништо од ова да се случи.
Дали ќе има промена во екипата која беше со тебе минатата сезона?
Тимот си работи на тоа и пронаоѓа нови таленти кој би имале можност да се во најдобриот тим во МК.Искрено и да има и да нема мене не ми пречи во исполнување на мојата цел.
Какви се твоите очекувања за оваа сезона?
Моите очекувања за годинава се пред се здрав и во супер форма да започнам со што покрај тоа би го поправил моето возење за кон подобро.
Што ќе сметаш за успех, а што за неуспех?
Секоја завршена трка е успех. Ќе дадам се од себе да бидам конкурентен на овој шампионат знаејќи дека германскиот ADAC шампионат е еден од најјаките на светот. Со самото мое учество ќе се стекнам со огромно искуство за понатамошната моја кариера.
Минатата сезона реално имавме задоцнет домашен календар на трки, дали тоа влијаеше на твоите планови но и успех?
Македонскиот шампионат не е предизвик за мене бидејќи немам конкуренција. Изминатата сезона од БМУ Европското првенство бев на 3-то место до последната трка но порадо немање на финансиски сретства не отпатував на последната трка во Романија и со тоа го изгубив 3-тото место на БМУ Европскиот Шампионат.
Дали мислиш дека мотокросот во земјава е на потребното ниво?
Федерацијата не работи доволно на промоција на младите возачи како мене кој што возат надвор и вложуваат огромни средства и ја претставуваат МК. Пример за тоа е и доделувањето на ваучерите од Агенцијата за млади и спорт кој покрај тоа што беа мали и беа не реално поделени на луѓе кој воопшто немаат врска со мотокросот.
Дали повеќе трки во сезоната би помогнале во подигнувањето на нивото?
Колку повеќе трки се возат толку повеќе искуство и напредок посебно за младите шофери.
Каков возач си на улица?
Покрај професионалното тркање на стаза, на улица сум чист пример како треба да изгледа еден нормален моторџија стално со соодветна опрема на себе.
Кога би можел да го одбереш било кој мотор во светот, што би возел?
Кога би дошлно до такво одредување, без сомнение - KTM.
Дали твојот мотоцикл е подготвен како оние на конкурентите во твојата класа?
На ова првенство моментално, мојот мотор е тотално стандарден додека на другите се со доста доста опрема. Се надевам дека во краток период ќе можеме да си дозволиме да го донесиме моторот на ниво со кое би бил конкурентен.
Дали си размислувал за промена на класата?
Да бидам искрен имаше многу голема дилема дали да преминам во појака класа но заклучивме дека со моите 19 години е сѐ уште рано.
Какви се твоите планови за во иднина?
Оваа сезона учество на германското првенство ADAC па за натаму ќе видиме.
Кој е твој фаворит во MXGP шампионатот?
3 кратниот словенски возач, Тим Гајсер