Неодамна се формираше Мото Асоцијација на Македонија на МК мото клубови, разговараме со Борче Серафимовски, Претседател на МАМ.
Кажи ни нешто повеќе за асоцијацијата, што беше главниот двигател за нејзиното формирање?
- Мото Асоцијацијата на Македонија на МК мото клубови е резултат на повеќегодишната соработка на повеќето МК мото клубови во Македонија. Идејата е започната неколку години наназад и на наше задоволство на крајот на минатата година успеавме да ја организираме како идеја и на почетокот на оваа година правно-формално да ја регистрираме и активираме. Почитувањето, пријателството, другарството и желбата за подигнување на мото културата на повисоко ниво, со посебен акцент на општествената одговорност во нашата држава, е основниот двигател на ова големо семејство кое ја обеднинува цела Македонија, преку милениците на две тркала.
Која е целта на МАМ?
- Целта на МАМ е обединување на сите МК клубови т.е повеќето, со цел регулирање и унифицирање на правилата во мото светот односно кај МК клубовите, делување на државно, регионално и локално ниво во поглед на одржување на манифестации за промоција и афримација на мото културата, подигнување на моралните вредности, активно вклучување во општествениот живот, донаторски, волонтерски, едукативни и друг тип на акции и настани. Интернационализација на активностите и настаните преку склучување на меморандуми за соработка со други Асоцијации и форми на обединување на клубови од другите држави.
Кои клубови се членови во моментот и каква хиерархија има асоцијацијата?
- Во моментот Асоцијацијата брои 11 членови односно клубови: Мото клуб Џинка Радовиш, Мото клуб Ретки Птици Гевгелија, Мото клуб Носачи на крстот Велес, Мото клуб Рисови Прилеп, Мото клуб Конзули Битола, Мото клуб Цар Таур Ридерс Струмица, Мото клуб Тиквеш Рајдерс Кавадарци, Мото клуб Мечки Куманово, Мото клуб Вепар Скопје, Мото клуб Свети Николе и Мото клуб Но Лимит Скопје, кои имаат свои претставници во највисокото тело на Асоцијата т.е. Претседателството. Претседателството го сочинуваат претставници од секој клуб кои најчесто се Претседателите на клубовите или делигирани членови од матичниот клуб од кои пак се избира Претседател и Секретар на Асоцијацијата. Сите правила и постапки за избор и мандати на органите на Асоцијацијата се регулирани во Статутот на МАМ.
Како може некој клуб да стане дел од МАМ? Дали има некакви ограничувања?
- Член на МАМ може да биде секој домашен МК клуб кој има желба и мотив да работи заеднички со останатите членови на МАМ и достоинствено и безрезервно да ја претставува МАМ, кој согласно Статутот мора да ги исполнува следните критериуми и тоа:
- Да биде регистриран како здружение или друга правна форма најмалку 5 години
- Да има хиерархија односно избрани органи во клубот
- Да има бои согласно правилата за МК клубовите
- Да има организирано најмалку два настани од моментот на формирањето
Странски МК мото клуб не може правно-формално да биде член на Асоцијацијата но истиот може да соработува и да учествува во сите активности на МАМ по претходно барање и одобрение од Претседателството.
Со какви активности ќе се занимава МАМ и што можеме да очекуваме во следниот период?
- Со оглед дека оваа е прва година на функционирање на МАМ, во годишната програма се предвидени неколку активности кои пред се треба да бидат белег на МАМ и традиционално да се одржуваат секоја година. Како прв настан оваа година е отворањето на мото сезоната 2024 која ќе се одржи на 14.04.2023 година во Битола на плоштадот Магнолија со почеток од 11 часот. Во оваа прилика ги поканувам сите МК, МЦ, МГ и интернационални клубови од Македонија и независни возачи и влубеници во моторите, да земат учество на овој настан. Покрај ваков тип на настани ќе бидат организирани и регионални и државни крводарителски акции, волонтерски и хуманитарни акции за помош на ранливи категории, едукации за млади и учесници во сообраќајот со мотори, централни собири и многу други активности.
Секогаш ќе бидеме отворени за предлози и сугестии околу идни настани и во наредниот период ќе се стремиме кон зголемување на бројот на активности и почести средби со сите клубови и моторџии.
Дали е предвидено и т.н. „слободни возачи“ (моторџии без клубови) да бидат дел од оваа асоцијација?
- Согласно Стаутот на МАМ, членови на асоцијацијата се и можат да бидат правни субјекти, кои претставуваат одреден мото клуб организиран како МК клуб и нормално ги исплонуваат горенаведените правила. Сите слободни моториџии без клубови секако се наши пријатели и можат да учествуваат во сите активности на МАМ, но од формален аспект како индивидуи не можат да бидат полноправни членови.
Дали имате контакт со „МЦ“ унијата во Македонија?
- До сега немаме стапено официјално во контакт со МЦ Унијата иако со МЦ клубовите и нивните Претседатели се среќаваме на настани и се познаваме долги години. Повеќето од нив веќе се запознаени за постоењето на МАМ и нормално дека ќе се воспостави некаков вид на соработка (која веќе со години ја имаме како клубови) со оглед дека тангираме иста категорија т.е. мото клубови, но се разликуваме во формата на оргнизирање и функционирање на клубот. Секогаш како МК клубови сме ги респектирале МЦ клубовите и сме давале поддршка на истите и затоа сметам дека пропорционално ќе можеме да очекуваме нивна поддршка за нашето работење.
Дали планирате заеднички активности со Мотоциклистичката федерација на Македонија, или какви се односите со МФМ?
- На последниот состанок беше зборувано за започнување на официјална соработка со неколку институции во државата меѓу кои е и МФМ и во наредниот период се планира да се оствари контакт со раководството на МФМ. Нашата намера е да се направи меморандум за соработка каде што ќе можеме да предвидиме заеднички настани и настани на кои можеме да си дадеме меѓусебна подршка.
Предвидени ли се активности со РСБСП, МВР...?
- Како што веќе напоменав разгледувани се сите можности за соработка со релевантни иснтитуци кои ја опфаќаат нашата сфера на делување и работење така да првиот чекор се отпочнатите преговори со РСБСП со кој што во краток рок ќе пристапиме кон потпишување на заеднички меморандум за соработка и отпочнување на конкретни проекти и активности. По завршување на изборниот процес во државата планираме и отпочнување на преговори и потпишување на меморандум за соработка и со МВР. Во тек се подготовки за потпишување на меѓународни договори за соработка со Асоцијации на мото клубови од соседните земји со што би ја прошириле работата на МАМ и надвор од границите на државата.
Засега сите планирани активности се одвиваат со одлично темпо и особено радува фактот што сето ова пред многу кратко време започна како идеја, а сега веќе сме во фаза на сериозна реализација на сите активности и тоа е фактот кој ја дефинира и потенцира нашата организираност, сплотеност и сериозност на сите клубови, членови на МАМ, и верувам дека истите тие ќе дадат поттик и желба кај останатите МК клубови по исполнувањето на критериумите за членство да пристапат во МАМ како полноправни членови.