Возниот парк на македонската сообраќајна полиција е збогатен со 33 нови скутери Piaggio Beverly 310 HPE, во специјална полициска изведба. Заедно со скутерите е обезбедена и комплетна мотоциклистичка заштитна опрема, а вкупната вредност на набавката изнесува речиси 17 милиони денари.
Министерството за внатрешни работи доби 33 нови полициски скутери, обезбедени од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП). Официјалното предавање беше извршено во присуство на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски.
Станува збор за Piaggio Beverly 310 HPE, популарниот италијански скутер од класата на макси-скутери, кој во овој случај е испорачан во полициска изведба.
Нови скутери и комплетна опрема за полицајците
Покрај 33-те скутери, набавени се и исто толку комплети заштитна мотоциклистичка опрема. Секој комплет вклучува:
-
Заштитна кацига
-
Мотоциклистичка јакна и панталони
-
Мотоциклистички чизми
-
Летни и зимски ракавици
Вкупната вредност на набавката изнесува 16.845.561 денари, односно приближно 274.000 евра. Во сумата се вклучени и мотоциклите и заштитната опрема, па не станува збор за цена само на возилата.
Зошто Piaggio Beverly 310?
Piaggio Beverly 310 припаѓа на класата скутери наменети за секојдневно градско возење, но и за движење на отворен пат.
Моделот е придвижуван од едноцилиндричен, четиритактен мотор со работна зафатнина од 310 cm³, кој развива околу 27,7 КС. Автоматскиот CVT менувач, големите тркала и компактните димензии го прават практичен избор за полициски задачи во градски услови.
За сообраќајната полиција, ваквите скутери имаат неколку предности во однос на класичните патролни автомобили. Полесно се пробиваат низ густиот сообраќај, овозможуваат побрз пристап до места на сообраќајни незгоди и се погодни за регулирање на сообраќајот на прометни крстосници и улици.
Секако, нивната вистинска ефикасност ќе зависи и од начинот на кој ќе бидат распоредени и користени во секојдневните полициски активности.
Целта е поголема мобилност и побезбеден сообраќај
Според МВР, новата набавка треба да овозможи поголема мобилност на сообраќајната полиција, поефикасно регулирање на сообраќајот и подобри услови за работа на полициските службеници.
Министерот Панче Тошковски посочи дека набавката е дел од пошироките активности за модернизација на полицијата и подобрување на безбедноста на патиштата, заедно со воведувањето на современи технологии и системот „Безбеден град“.
Претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, истакна дека Советот продолжува да издвојува средства за опремување на полициските единици задолжени за сообраќајна контрола.
Со 33-те нови Piaggio Beverly 310, сообраќајната полиција добива дополнителни возила кои можат да бидат особено корисни во градовите со густ сообраќај.
Извор: Министерство за внатрешни работи (МВР)



Коментари