(Време на читање: 3 - 6 минути)


Со почетокот на новата мото-сезона, системот „Безбеден град“ (познат во јавноста како „Сејф Сити“) станува една од најактуелните теми меѓу моторџиите. Поради бројните дилеми што се појавија во јавноста, побаравме официјални појаснувања од МВР за тоа како системот ќе функционира кога станува збор за моторите и скутерите.

bezbeden-grad-motori

Детекција на мотоцикли – од каде и како?

Системот користи камери поставени на различни позиции, кои овозможуваат детекција и идентификација на возила и од предната и од задната страна, зависно од локацијата на камерата. 

Кај мотоциклите, идентификацијата се врши преку задната регистарска табличка, логично, со оглед на тоа што таа единствено е поставена на задната страна. Тоа значи дека мотоциклите иако имаат само една табличка, и тие се целосно опфатени со системот, исто како и автомобилите.

Дали и скутерите се опфатени?

Да. Сите моторни возила што учествуваат во сообраќајот, вклучително и мопедите (скутери до 50cc) иако имаат помала табличка од останатите мотоцикли, се опфатени со системот.

Со други зборови, фактот што станува збор за „само 50-ка“ не значи дека не е под надзор.

bezbeden-grad-motori-2Сите моторни возила што учествуваат во сообраќајот, вклучително и скутери до 50cc, се опфатени со системот

Што со мопедите со трајна регистрација?

Податоците за сопственост се водат во службената евиденција и се ажурираат при секоја промена на сопственост.

Обврска на сопственикот е навремено да ја пријави секоја промена, независно од тоа дали возилото оди на годишен технички преглед. Дополнително, мопедите подлежат на обнова на осигурителна полиса, што исто така претставува механизам за ажурирање на податоците.

Практично, „трајна регистрација“ не значи дека системот нема податоци за сопственикот.

Казни – дали важат истите правила за сите?

Во најголем дел од случаите, глобите се утврдени според видот на прекршокот, а не според категоријата на возилото.

Тоа значи дека за ист прекршок, мотоцикл и автомобил се санкционираат според истите законски одредби – освен ако со закон не е поинаку пропишано.

ПрекршокИзносМерка
Пречекорување на брзина до 10 km/h во населено место 15€
Пречекорување на брзина од 10 до 30 km/h во населено место 50€
Пречекорување на брзина од 30 до 50 km/h во населено место 300€ Забрана за управување 3–12 месеци
Пречекорување на брзина до 30 km/h надвор од населено место 20€
Пречекорување на брзина од 30 до 50 km/h надвор од населено место 50€
Пречекорување на брзина од 50 до 70 km/h надвор од населено место 300€ Забрана за управување 3–12 месеци
Поминување на црвено светло 250€ Забрана за управување 3–12 месеци
Учествo во сообраќај со нерегистрирано возило 500€
Истечена сообраќајна дозвола (до 30 дена) 100€


dsc_0773Со системот Безбеден град, мотоциклите се целосно опфатени иако имаат табличка само на задната страна

Иако системот „Безбеден град“ не ги детектира сите можни прекршоци поврзани со мотоциклите — на пример, не сите камери се поставени да снимаат одзади и не се детектира носењето кацига — тоа не значи дека тие остануваат неказнети.

Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи!

Затоа, да се потсетиме на казните со кои можете да се соочите согласно важечките законски одредби.

Таблички: покривање, измена или возење без нив

Покривање, оштетување или користење изменета/неважечка регистарска табличка претставува прекршок и се санкционира со парична глоба и дополнителни законски последици.

Исто така, учество во сообраќај без поставена регистарска табличка е прекршок за кој се предвидени парични казни и соодветни мерки согласно важечките прописи.

Со други зборови – „креативни решенија“ со свиткани, скратени или намерно покриени таблички можат скапо да чинат.

Според законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во однос на регистрацијата на мотоциклот и истакнувањето на регистарската табличка предвидени се следните казни:

ПрекршокКазна
Управување мотоцикл со скриена табличка (поставена на место на кое не е предвидено за тоа, залепена под задниот дел или слично) 100€
Управување мотоцикл со преправена табличка (променета боја, димензии, било која форма на табличка освен оригиналната издадена од МВР) 500€
Управување мотоцикл без истакната табличка (доколку мотоциклот е со важечка регистрација) 100€
Управување мотоцикл без истакната табличка (доколку мотоциклот е без важечка регистрација) 500€
Управување мотоцикл со табличка од друг мотоцикл 250€


motor skopje semaforВозењето со скриена или преправена табличка носи сериозни казни доколку ве запрат

Во однос на управувањето мотоцикл без соодветна документација, непочитување на сигнализација и слични престапи, предвидени се следните казни:

ПрекршокКазна
Непочитување на наредба од полиција за запирање 300€
Управување мотоцикл со поголема зафатнина од дозволената во период додека сте „возач почетник“, или управување во времето од 23.00 до 05.00 часот 400€
Управување велосипед со помошен мотор, мопед или мотоцикл без возачка дозвола 300€ 
Управување на мопед без возачка потврда (возач кој нема ни АМ категорија) 200€
Заборавена возачка дозвола (ја поседувате, важечка е, но не ја носите со себе) 100€
Заборавена сообраќајна дозвола (ја поседувате, но не ја носите со себе) 50€


Носењето кацига е задолжително за сите возачи на скутери и мотори, па доколку пред извесен период имаше „дупка“ во законот која не ве обврзуваше на тоа, сега полицијата сигурно ќе ве казни доколку ја носите на било кој друг начин освен онака како што е наменета, на вашата глава. Носењето кацига е задолжително за возачите на велосипеди со помошен мотор, мопеди и мотоцикли. Доколку не носите кацига, освен што си го доведувате животот во опасност, можете да се соочите и со следните казни.

ПрекршокКазна
Возење без кацига (возач) 50€
Возење без кацига (совозач) 50€

kazna sejf city skuteriСистемот не го препознава (не)носењето кацига, но таа е задолжителна по закон. Носете кацига!

Десна лента е задолжителна за мопеди

Според законските одредби, мопедите се должни да се движат што поблиску до десниот раб на коловозот, освен кога условите во сообраќајот или извршување на одредени маневри налагаат поинаку (на пример при вртење лево).

Доколку се утврди прекршување на овие правила, може да биде изречена санкција согласно закон. Тоа значи дека и ова правило е дел од системот на контрола.

Во превод, со скутер не смеете да возите во левата лента по булевар.

Малолетни сопственици – кој одговара?

Доколку возилото е регистрирано на малолетно лице, постапката се води согласно прописите што се однесуваат на малолетници. Во одредени случаи, одговорност може да има законскиот застапник, зависно од видот на прекршокот и конкретните околности.

mvr-motor-honda-paneuropean

Црна статистика: 2025 беше најтешката година за мотоциклистите во последните 5 години.

Целта не е казнување, туку безбедност

Според МВР, целта на системот „Безбеден град“ е зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди преку доследна примена на законските прописи.

За мотоциклистите ова значи едно: правилата важат подеднакво за сите.

Сезоната допрва почнува – а најдобриот начин да ја поминеме без проблеми е со почитување на прописите и со одговорно однесување на патиштата. 

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: