(Време на читање: 2 - 3 минути)


Enduro Team Vodno - Skopje денеска јавно го отвори прашањето за начинот на кој се распределуваат државните субвенции за македонските спортисти, откако објави износи што ги добиле неколку нивни мотокрос возачи за 2026 година.

Според објавените податоци на клубот, седумкратниот шампион во мотокрос Антонио Дамјановски добил 817 денари, Виктор Андреевски – шампион во класата MX Junior – 1.170 денари, Марко Поповски 728 денари, шампионот во Alpe Adria MX Михаил Стојковски 1.082 денари, а Ева Дамјановска 994 денари.

485069848 1078154034336629 3760073725281346114 n

Вкупниот износ за петте наведени натпреварувачи е 4.791 денар.

Од Enduro Team Vodno нагласуваат дека нивната реакција не е барање за привилегиран третман, туку за јасно објаснување на критериумите според кои се вреднуваат спортските резултати.

И токму тука е суштината на проблемот.

Не е прашањето дали мотокросот треба да добие повеќе од некој друг спорт, ниту дали еден спортист треба да биде фаворизиран пред друг. Прашањето е дали еден шампион, повеќекратен првак или млад натпреварувач со меѓународни резултати може да разбере како неговите резултати се претвориле во субвенција од неколку стотици или нешто повеќе од илјада денари.

Официјалната Програма за субвенции од областа на спортот за 2026 година предвидува вкупно 348,1 милиони денари. Од нив, за активните спортисти во индивидуалните олимписки и неолимписки спортови се предвидени 8.006.599 денари, односно 2,3 проценти од вкупната програма. Средствата се наменети за учество во домашни и меѓународни натпревари, тренажен процес, спортска опрема и други потреби на активните спортисти.

Министерот за спорт Борко Ристовски во текот на 2026 година јавно зборуваше за резултатите како еден од критериумите при распределбата на средствата и за потребата од поправеден и потранспарентен систем на финансирање.

Токму поради тоа, прашањето што го поставува Enduro Team Vodno заслужува конкретен одговор.

Ако резултатите се основа за распределбата, јавноста треба да може да види колку се вреднува домашна титула, колку меѓународна титула, како се вреднуваат настапите во регионални и европски шампионати и според која формула на крајот се добива износот што го добива секој спортист.

Ова е особено важно за спорт како мотокросот, каде трошоците за мотоцикл, опрема, резервни делови, гориво, транспорт, тренинзи и настапи на меѓународни трки се значителни и во најголем дел паѓаат на товар на возачите, нивните семејства и клубовите.

Затоа и Motori.com.mk го поддржува барањето на Enduro Team Vodno за јавно и разбирливо објаснување на критериумите.

Не бараме некој да биде привилегиран. Напротив.

Доколку системот е фер, најдобар начин тоа да се покаже е критериумите и пресметката да бидат јасни за сите – за спортистите, клубовите и јавноста.

Македонските мотокрос возачи во последните години носат титули и подиуми од домашни и меѓународни натпреварувања. Најмалку што заслужуваат е да знаат како државата ги вреднува тие резултати.

Enduro Team Vodno својата објава ја завршува со едноставно барање до Министерството за спорт:

Објаснете ги критериумите.

И тоа, во суштина, е прашањето на кое вреди да се добие одговор.

Извор: Enduro Team Vodno - Skopje

Пријавете се за да ги добивате најважните содржини двапати неделно директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: