Во рамки на Европската недела на мобилност, мото клубот Crossbearers MK, во соработка со Општина Велес и СВР Велес, организираше едукативна активност посветена на безбедноста во сообраќајот.
Настанот се одржа на 17 септември во Велес, а главниот фокус беа средношколците, со кои се разговараше за одговорното однесување во сообраќајот, правилното управување со возилата, користењето заштитна опрема и почитувањето на сообраќајните правила.
Под мотото „Животот нема реприза“, учесниците потсетија дека безбедноста не е обврска само на една група учесници во сообраќајот. Без разлика дали сме возачи, мотоциклисти, велосипедисти, пешаци или патници, секој од нас има своја улога и одговорност.
Особено важна беше пораката од моторџиите, кои од сопствено искуство знаат колку мала грешка во сообраќајот може да има сериозни последици.
Ние моторџиите најдобро знаеме зошто постојано го повторуваме истото: вози внимателно, носи заштита и почитувај ги правилата – животот нема реприза!
Ваквите активности се особено значајни кога се насочени кон младите возачи и идните учесници во сообраќајот, бидејќи навиките и одговорноста се градат уште пред првото самостојно седнување зад волан или на мотоцикл.
Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност – а добрата навика започнува со една едноставна одлука: да не ризикуваме непотребно.


Коментари