(Време на читање: 4 - 7 минути)


Четири дена, десетици илјади мотоциклисти, повеќе од 2.000 тест возења, асфалт, кал, custom мотоцикли, музика и паради – петтото издание на Italian Bike Week покажа дека Лињано Сабиадоро веќе има уште еден голем мото настан покрај Biker Fest International.

Од 17 до 20 септември, италијанското летувалиште Лињано Сабиадоро повторно беше преплавено со мотоцикли. Според податоците на локалниот туристички сектор, петтото издание на Italian Bike Week го посетиле околу 135.000 луѓе, со што настанот продолжи со растот што го има од своето основање.

ITALIAN BIKE WEEK 2026 15

Italian Bike Week всушност се роди сосема случајно. Во 2020 и 2021 година, поради пандемијата, традиционалниот Biker Fest International беше поместен кон крајот на летото. Реакцијата на публиката била толку добра што организаторите решиле Лињано да добие уште еден мото настан – овојпат на крајот од сезоната.

Само пет години подоцна, Italian Bike Week веќе прерасна во еден од најголемите мото фестивали од ваков тип во Европа, со публика која не доаѓа само од Италија и соседните земји, туку и од далеку подалечни дестинации.

Мотоциклисти од целиот свет

Меѓу посетителите годинава имаше мотоциклисти од Австралија, САД, Канада, Турција и други земји надвор од Европа.

Еден од нив е 54-годишниот Угур од Истанбул, кој поминал повеќе од 1.500 километри со мотоцикл за да стигне до Лињано. На патот го следел дожд низ голем дел од Балканот, но како што раскажа по пристигнувањето, атмосферата и приемот на настанот вределе за целото патување.

Специјален гостин на годинашното издание беше италијанскиот актер, режисер и сценарист Giampaolo Morelli, познат по улогата во серијата „Ispettore Coliandro“. Morelli не бил таму само како гостин – самиот е мотоциклист и сопственик на Harley-Davidson Sportster 883 Iron, кој редовно го вози низ Рим.

ITALIAN BIKE WEEK 2026 4

Асфалт, оф-роуд и повеќе од 2.000 тест возења

Она што го издвојува Italian Bike Week од поголемиот Biker Fest International е силниот фокус на Adventure, Enduro, Motocross и Scrambler мотоциклите.

Додека во зоната кај стадионот посетителите можеа да тестираат патни модели, паралелно функционираше и посебната Off-Road Arena со земјена патека наменета за тестирање на мотоцикли во услови многу поблиски до нивната вистинска намена.

Меѓу брендовите присутни во различните демо зони беа Aprilia, Honda, Moto Guzzi, KTM, Yamaha, AJP, Kove, Morbidelli, RedMoto, Rieju, Can-Am и други производители. Rieju во Лињано ја искористи можноста и за италијанска премиера на новиот MR300i за 2027 година.

Honda, покрај тест мотоциклите, ја донесе и својата Young Riders School, наменета за почетници и мотоциклисти кои сакаат во контролирани услови да ги подобрат основните возачки вештини.

Во текот на викендот биле реализирани повеќе од 2.000 demo rides, што уште еднаш покажа колку интерес има кај посетителите не само да ги гледаат новите модели, туку и веднаш да ги пробаат.

ITALIAN BIKE WEEK 2026 58

Седум километри ендуро патеки

За оние што повеќе сакаат кал отколку асфалт, програмата нудеше уште повеќе.

Во рамките на Enduro Days, MotoClub Sabbiadoro подготви околу седум километри траси на кои можеа да возат и искусни и аматерски ендуро возачи.

Посебен дел од програмата беше Enduro Moto-Therapy – активност создадена за да им овозможи мото искуство и на лица со попреченост.

За оние кои не беа заинтересирани за натпреварувачко возење, Adventure Rides понудија сосема поинаква приказна. Организирани тури ги однесоа учесниците низ помалку познатите и недопрени делови на регионот Friuli Venezia Giulia, далеку од главните патишта и туристичката гужва.

Дел од групата во саботата вечерта стигнала до Malga Cuar, во подножјето на Јулиските Предалпи, со поглед кон долината на реката Tagliamento.

ITALIAN BIKE WEEK 2026 1

Custom мотоцикли како дел од ДНК-та на настанот

Иако Italian Bike Week сè повеќе се ориентира кон Adventure и Enduro сцената, организаторите не забораваат од каде потекнува целиот концепт.

Custom Bike Show повторно собра градители и уникатни мотоцикли од повеќе европски земји, а годинава програмата беше проширена и со ARTigliate Custom Contest, натпревар посветен на custom оф-роуд проекти.

Токму оваа мешавина е една од најинтересните карактеристики на Italian Bike Week – на ист простор може да се видат радикални custom проекти, нови Adventure модели, класични американски мотоцикли, ендуро машини и современи патни модели.

ITALIAN BIKE WEEK 2026 35

Italian Bike Week не е само изложба

Целиот концепт е направен посетителите да не дојдат само да разгледаат мотори и да си заминат.

На главната сцена во Luna Park зоната во текот на четирите дена настапија 11 бендови, со програма која се движеше од classic и hard rock до metal и punk.

Во истата зона имаше околу 130 штандови, додека паралелно се одржуваа презентации, натпревари и различни тематски настани.

Една од посериозните теми беше психолошкото враќање на моторџија по сообраќајна несреќа. Психологот Silvia Ave зборуваше за стравот, повторното градење самодоверба и процесот низ кој минуваат возачите кога по пад повторно треба да седнат на мотоцикл.

Од другата страна на програмата беа традиционално порелаксираните Beard’s Race и Pin Up Contest, кои одамна се дел од атмосферата на ваквите фестивали.

ITALIAN BIKE WEEK 2026 31

Илјадници мотоцикли низ улиците на Лињано

Еден од моментите што најдобро ја покажува големината на Italian Bike Week е Saturday Night Parade.

Непосредно пред зајдисонце, илјадници мотоцикли се собраа пред Luna Park, а потоа во огромна колона тргнаа низ улиците на Лињано.

За луѓето покрај улиците тоа беше шоу од светла и звук, а дел од посетителите имаа можност целата колона да ја следат и од воздух преку панорамските летови со хеликоптер.

Во програмата се најде и нешто сосема поинакво – парадата Ciao in Ciabatte, во која мопеди и скутери заеднички се упатија кон плажата како симболично збогување со летото.

Финалето, пак, беше резервирано за американските автомобили. Повеќе од 200 американски автомобили и muscle cars учествуваа на „U.S. Car on the Beach“, носејќи уште една доза на звук и бензинска атмосфера низ градот.

ITALIAN BIKE WEEK 2026 26

Од ризичен експеримент до 135.000 посетители

Организаторот Moreno Persello признава дека пред пет години воопшто не било сигурно дека идејата ќе функционира.

Да се организираат два големи мото настани во истиот град – еден на почетокот и еден на крајот од сезоната – било голем ризик. Таков модел во светски рамки најчесто се поврзува со места со огромна мото традиција.

Но бројките на Italian Bike Week покажаа дека публиката постои.

Интересно е што на Biker Fest International му биле потребни децении за да дојде до сегашниот обем, додека Italian Bike Week за само пет години успеа да стигне до шестцифрена посетеност.

Според организаторите, една од клучните причини е токму концептот со multi-brand demo rides. Посетителот во текот на еден ден може да проба неколку мотоцикли од различни производители, директно да ги спореди и да види кој најмногу му одговара.

Истата логика од 2022 година е префрлена и во оф-роуд сегментот, каде тестирањето мотоцикли во нормални услови е далеку потешко. Наместо Adventure, Enduro или Motocross моделите само да стојат изложени, посетителите добиваат можност да ги пробаат таму каде што припаѓаат – на земја.

Мото настан што веќе има сопствен идентитет

Italian Bike Week можеби започна како своевидно продолжение на Biker Fest International, но пет години подоцна веќе има јасно различен карактер.

Помалку е класичен собир, а повеќе комбинација од фестивал, огромен тест центар, оф-роуд викенд и туристичка мото авантура.

А кога на едно место ќе собереш 135.000 посетители, илјадници мотоцикли, најнови модели што можат реално да се возат, километри ендуро патеки, custom сцена и цел град кој четири дена живее со моторите, веќе не станува збор само за уште еден мото настан.

Italian Bike Week полека станува една од оние дестинации за кои мотоциклистите однапред го резервираат викендот во календарот.

Пријавете се за да ги добивате најважните содржини двапати неделно директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: