По дебито минатата сезона, светскиот шампионат во супербајк (WorldSBK) овој викенд повторно се враќа на Балатон Парк во Унгарија – патека која за кратко време успеа да го најде своето место меѓу највозбудливите нови дестинации во календарот.
Историја што почна да се пишува лани
Минатата година Балатон Парк ја пречека елитата на WorldSBK за првпат, означувајќи историско враќање на шампионатот во Унгарија по пауза подолга од три и пол децении. Новата патека веднаш понуди драма, неизвесност и врвни дуели, а викендот остана запаметен по апсолутната доминација на Топрак Разгатлиоглу. Турскиот ас не само што ја освои првата WorldSBK трка на Балатон Парк, туку продолжи со серија победи и хет‑трикови кои уште повеќе ја зацврстија неговата позиција како еден од најдоминантните возачи во поновата историја на шампионатот.
Балатон Парк тогаш не беше само уште една нова патека – таа беше и симбол на нова ера, со модерна инфраструктура, движње спротивно од часовникот и комбинација од бавни свиоци и силни зони на сопирање кои не простуваат грешки.
Што ја прави патеката на Балатон Парк посебна?
Балатон Парк не е патека што простува грешки – напротив, станува збор за модерен, технички комплексен асфалтен лавиринт, кој уште од првиот круг бара максимална концентрација. Со должина од околу 4 километри и вкупно 17 свиоци (10 леви и 7 десни), конфигурацијата е дизајнирана така што ритамот постојано се крши, а возачите се приморани на агресивни промени во стилот на возење.
Посебен акцент се става на сопирањето, кое според анализите на Brembo е оценето како „високо оптоварувачко“. Во текот на еден круг, возачите минуваат низ дури девет значајни зони на кочење, што значи дека речиси половина минута по круг ја минуваат со притисната кочница. Тоа ја прави Балатон Парк една од понапорните патеки за сопирачките системи во целиот календар, особено во трките во кои ритамот е константно висок.
Првиот свиок – место каде што се добива и губи трка
Ако треба да се издвои еден клучен дел од патеката, тоа без сомнение е свиокот број 1. По долгата стартно-целна рамнина, моторите достигнуваат брзини и над 270 km/h, за потоа во само неколку секунди да се сопрат на нешто над 50 km/h. Тоа е екстремна зона на кочење, каде што не се тестира само материјалот, туку и храброста и прецизноста на возачите.
За тимовите, правилниот сетап во овој дел од патеката е клучен, бидејќи компромисот меѓу стабилност при кочење и брз излез од свиокот може да направи огромна разлика низ целиот круг.
Балатон Парк не е класична „flow“ патека, таа повеќе личи на шаховска табла. Возачите кои знаат да размислуваат неколку свиоци однапред, да ја чуваат гумата, често имаат предност во втората половина од трката. Затоа не е изненадување што минатата година возачи кои брзо се адаптираа на ритамот на патеката, успеаја да ја извлечат максималната корист.
Со едногодишно искуство зад себе, оваа сезона се очекува уште потесна борба. Тимовите доаѓаат со повеќе податоци, појасна слика за потребниот баланс и поголема подготвеност за трки во кои тактиката ќе игра речиси подеднакво важна улога како и чистата брзина. Балатон Парк сега веќе не е „непозната“, но и понатаму останува патека што сурово ги наградува храбрите и казнува сите што ќе направат и најмала грешка.
motori.com.mk на лице место
За сите љубители на мотоспортот во Македонија, motori.com.mk ексклузивно ќе ги следи трките овој викенд директно од Балатон Парк, како официјален акредитиран медиум. Очекувајте извештаи од патеката, атмосфера од падокот, изјави и анализи – онака како што може да се доживее само кога си таму, покрај асфалтот.
Следете нè на Instagram, WorldSBK во Унгарија почнува во петок 1 мај.


Коментари