Според зборовите на менаџерот на Џонатан Реа, Ирецот би го сменил Светскиот Супербајк шампионат со МотоГП доколку му се понуди добра зделка.

Реа го нарекува СБК шампионатот свој дом од 2009 година кога дебитираше за тимот на „Ten Kate Honda“. Иако неколку пати се поврзуваше со заминување во МотоГП сепак тоа не се случи. Тој во 2015 премина во тимот на Кавасаки по што започна неговата Супербајк доминација. Тој освои пет титули по ред за Кавасаки и стана бренд амбасадор на зелениот тим, но Кавасаки се повлече од МотоГП па неговите шанси да остане во тимот и да премине во МотоГП се сведоа на нула.

rea 2020

„Приоритет на Реа е да остане во Супербајк шампионатот“ - изјави неговиот менаџер Чак Аксленд за speedweek.de. „За да премине во МотоГП на 33 години треба да добие понуда од вистинскиот тим. Тогаш тој би бил заинтересиран, но ќе повторам, тоа треба да биде навистина добра зделка за да се откаже од СБК.“

И самиот Реа пред некое време изјави дека нема понуда од некој МотоГП тим, всушност тој немал понуди ниту од послабите тимови, а не пак од фабричките. Како што и самиот изјави доколку му понудат конкретен договор тој сериозно ќе размисли за тоа.

„Реалноста е дека со Кавасаки имам тим кој ми овозможува да победувам, доколку добијам понуда он нешто подобро секако дека ќе размислам за тоа“.

Реа имаше настап во МотоГП во 2012 година кога на две трки го замени повредениот Кејси Стонер, тогаш тој заврши на седмата и осмата позиција, нешто што во јавноста не помина како значаен успех иако тој за прв пат седна на МотоГП мотор без претходни тестирања или подготовки. Сега кога ги гледаме резултатите сваќаме дека доколку му се дадеше шанса тој можеше да направи навистина добра кариера во МотоГП. Иднината на Реа сега може да се одвива во било која насока, од настап во МотоГП, нов договор со Кавасаки, промена на тимот во Супербајк шампионатот, па дури и пензионирање.

Back To Top