Женскиот светски шампионат во мотоциклизам (WorldWCR) од 2027 година добива нов технички партнер. CFMOTO е официјално потврден како ексклузивен снабдувач на мотоцикли за шампионатот во периодот од 2027 до 2029 година, со што се продолжува трендот на зголемено присуство на источни брендови во светските тркачки серии.
Натпреварувачките во WorldWCR ќе возат на моделот 675SR-R, кој користи трицилиндричен агрегат од 675 кубика. Овој мотоцикл нуди околу 15 КС повеќе во споредба со машината што моментално се користи во шампионатот, што ќе претставува нов предизвик за возачките поради зголемената моќност и специфичните карактеристики на моторот.
Шампионатот ќе го задржи форматот на куп со мотори од еден производител, каде што сите натпреварувачки ќе имаат идентични мотоцикли, со цел талентот на возачките да остане во преден план. Покрај промената на мотоциклите, од 2027 година Michelin станува единствен снабдувач на гуми за WorldWCR.
Оваа соработка има за цел и зајакнување на врските со Кина, како и привлекување на нова публика и проширување на шампионатот кон нови дестинации. Грегорио Лавила, извршен директор на WorldSBK, истакна дека CFMOTO 675SR-R ќе им овозможи на возачките да совладаат помоќна машина, притоа задржувајќи ги еднаквите технички услови кои овозможуваат нивните способности да ја направат разликата на патеката.
Овој договор означува ново поглавје во меѓународното етаблирање на CFMOTO во мотоспортот и ја одразува нашата долгорочна посветеност кон развојот на тркањето со мотоцикли. Сакаме да придонесеме кон растот на женскиот мотоциклизам и да дадеме поголема видливост на брзината, страста и потенцијалот на жените возачи.Саманта Лиу, раководител на центарот за управување со спортски активности на CFMOTO

Коментари