Кинеските производители ZXMOTO и CFMOTO подготвуваат сериозен пробив во светот на мотоциклистичките трки, со амбициозни проекти што имаат за цел да им парираат на европските и јапонските брендови во шампионатот WorldSBK.
ZXMOTO официјално го потврди својот влез во WorldSBK во 2028 година, при што шефот на компанијата, Џанг Сју, откри дека програмата веќе е во развој и ќе користи невообичаена V5 архитектура на агрегатот. Иако техничките спецификации и перформансите за натпреварувачката верзија сè уште не се официјално потврдени, изборот на V5 конфигурација е особено интересен, бидејќи оваа архитектура е реткост во модерното мотоциклизам, а последен пат беше прославена со Honda RC211V (990 cc) во периодот 2002-2003 година.
ZXMOTO ја користи стратегијата на соработка со европски структури за да го забрза развојот. Компанијата веќе стекнува искуство во светски рамки преку соработката со тимот Evan Bros во WorldSSP, каде што со моделот 820RR и возачот Валентин Дебиз веќе ги забележаа првите победи, вклучително и двојниот триумф во Портимао.
CFMOTO со V4 прототип кој надминува 315 km/h
Паралелно со ZXMOTO, CFMOTO развива свој високоперформансен модел, V4 SR-RR. Овој мотоцикл е опремен со V4 агрегат под агол од 90 степени со зафатнина од 997 кубика, за кој се најавува моќност од 212 КС и тежина под 200 килограми. Прототипот вклучува и активна аеродинамика, а на 15 јуни годинава, при тестирање на „China Motorcycle Top Speed Record Challenge“, постигна брзина од 315,82 km/h, потврдено со GPS, што го прави најбрзиот кинески мотоцикл со мотор со внатрешно согорување досега.
Иако CFMOTO веќе има искуство во светските шампионати преку соработката со тимот Aspar во Moto3 и Moto2, нивниот влез во WorldSBK засега останува на ниво на хипотеза, за разлика од потврдениот план на ZXMOTO. Овие потези јасно покажуваат дека кинеските производители веќе не се фокусирани само на достигнување на технолошкото ниво на конкуренцијата, туку на развој на сопствени решенија со кои планираат да се борат за врвот во светскиот мотоциклизам.


Коментари