Она што пред неколку дена беше најавено сега доби и официјална потврда. Релито Дакар во 2027 година нема да се одржи во Саудиска Арабија поради безбедносната ситуација во регионот. Организаторите потврдија дека натпреварувањето ќе се одржи на друга локација, која ќе биде објавена во следните денови.
На 25 октомври, Amaury Sport Organisation (ASO) и Saudi Motorsport Company (SMC) излегоа со заедничко соопштение со кое ја потврдија одлуката за преместување на 49. издание на најпознатото рели во светот.
Одлуката е донесена во координација со Саудиската автомобилска и мотоциклистичка федерација, со поддршка од FIA и FIM.
Дакар 2027 не е откажан
Иако првично беше предвидено натпреварувањето да се одржи од 1 до 15 јануари 2027 година во Саудиска Арабија, организаторите нагласуваат дека релито ќе продолжи на друга локација.
ASO останува задолжен за организацијата и веќе е во директен контакт со натпреварувачите, тимовите и партнерите за да им помогне во прилагодувањето на плановите.
Ова значи сериозна логистичка промена за екипите, кои веќе ги имаа испланирано транспортот на возилата, патувањата и подготовките за настап.
Европа и Африка остануваат најверојатното сценарио
На 20 октомври објавивме дека организаторите подготвуваат преместување на релито во Европа и Африка, врз основа на информациите што швајцарскиот тим TimeOut Racing ги добил директно од ASO.
Според тогашните информации, планиран е пролог во Европа, а потоа продолжување на натпреварувањето на африканскиот континент. Во игра се Шпанија или Португалија за почетокот, додека Мароко се споменува како главна дестинација за специјалните испити.
Сепак, во денешното официјално соопштение нема потврда за конкретните земји, рутата или новиот календар. Организаторот најавува дека тие информации ќе бидат објавени во следните денови.
Саудиска Арабија се враќа во 2028 година
Преместувањето не значи крај на соработката меѓу Дакар и Саудиска Арабија.
Напротив, организаторите потврдија дека релито ќе се врати во земјата во 2028 година, кога ќе се одржи јубилејното 50. издание.
Саудиска Арабија е домаќин на Дакар од 2020 година и досега има организирано седум последователни изданија. ASO и саудиските партнери ја опишуваат сегашната одлука како исклучителна и еднократна мерка.
Со официјалната потврда завршува неизвесноста околу тоа дали Дакар 2027 ќе остане во Саудиска Арабија. Но, најважното прашање допрва треба да добие одговор: каде ќе се вози следното издание?
Доколку се остварат претходните најави за Европа и Африка, Дакар би се вратил на африканскиот континент првпат по 2007 година, пред преселбата во Јужна Америка во 2009 година.

Коментари