Тито Рабат ќе остане дел од тимот на Avintia и во следните две сезони: „Ќе имаме фабрички мотоцикли“.

Тито Рабат, возачот за кој имаше информација дека ќе го напушти тимот, потпиша нов договор со екипата и ќе остане со нив уште две години.

Од Avintia велат дека сега нивна следна цел е да обезбедат врвен мотоцикл кој ќе има фабрички спецификации но исто така планираат да имаат и фабричка екипа која ќе работи заедно со нив.

Тимот досега настапуваше со една година стар мотоцикл на Ducati. Засега не се знае кој ќе биде нивниот партнер во иднина. Сепак, тешко е да се претпостави дека тоа ќе биде мотоцикл на Ducati, пред се бидејќи тие веќе се обидуваат да му обезбедат слична машина на Џек Милер кој е дел од тимот Pramac.

Дали Avintia ќе склучи договор со Suzuki или Aprilia кои во моментов немаат сателитски тим?

Во секој случај, тимскиот колега на Рабат, Карел Абрахам, кој ја одработува првата година од две годишниот договор кој го има со Avintia ќе продолжи да вози со истата машина. Рабат во меѓувреме стана првиот возач кој има валиден договор за сезоната 2021.

„Денеска сакаме да ставиме крај на шпекулациите дека Рабат во иднина ќе биде дел од WSBK серијата. Исто така сакаме да потврдиме дека и во иднина ќе бидеме дел од MotoGP“, се наведува во соопштението кое го испратија од тимот.

„Многу сум среќен што потпишав нов договор со тимот“, изјави поранешниот Moto2 шампион Тито Рабат кој во 2016 година се приклучи на премиерната класа. „Но најважно нешто е тоа дека од 2020 година ќе имаме фабрички мотоцикл.“

„MotoGP е многу компетитивна серија и морате да ја имате најдобрата машина доколку сакате да имате добри резултати. Сакам да му се заблагодарам на Раул за довербата која ја има кон мене. Имавме тежок почеток на сезоната но во последните неколку трки значително се подобривме.“

„Ова ми дава дополнителна мотивација и сигурен сум дека ќе имам подобар настап во вториот дел од шампионатот.“

Tito Rabat txt 02 08

Но иако имаше проблеми во првиот дел од сезоната, тимот е убеден дека Рабат ќе има добар настап во сезоната 2020.

Еден од возачите кои се најавуваа како негов наследник, Лоренцо Балдасари, потврди дека и во иднина ќе остане дел од Moto2 серијата а слична најава има и за Алекс Маркез.

Во меѓувреме, Рабат, кој беше поврзуван со премин во тимот на Kawasaki кој е дел од WorldSBK, на последните неколку трки ја врати формата. На трката во Каталуња заврши на деветото место а на слична позиција се најде и на трката во Германија.

„Ни преставува големо задоволство да објавиме дека Тито и во следните две сезони ќе биде дел од нашиот тим“ , изјави извршниот директор на тимот, Раул Ромеро. „Постоеа многу гласини во однос на неговата иднина но со ова јасно сакаме да ставиме до знаење дека планираме заедно да продолжиме напред.“

„Тимот постепено растеше и се развиваше а следниот чекор ни е да обезбедиме фабрички мотоцикл. Работиме за да го постигнеме тоа а во исто време преговараме и со еден голем спонзор. Тоа целосно одговара на проектот кој го планираме за следните неколку сезони.“

Во моментов КТМ има најмногу фабрички мотоцикли на патеката, вкупно четири. Honda, Ducati и Yamaha имаат по три мотоцикли, два кои се дел од нивниот официјален тим и еден наменет за сателитската екипа.

Со договорот на Рабат, LCR Honda и Pramac Ducati се двете екипи кои се уште не ги потврдиле возачите за сезоната 2020. Сепак, во тимовите се очекува да останат актуелните возачи, Такааки Накагами и Џек Милер.

Back To Top