Актуелниот шампион имаше уште еден извонреден настап и стигна до нова победа на патеката во Брно. На подиумот му се приклучија Довициозо и Милер.
Марк Маркез стигна до уште една импресивна победа на патеката во Чешка. Трката ја одбележа силнит дожд кој го одложи стартот . За Андреа Довициозо, кој заврши на второто место, ова беше петти подиум оваа сезона. За Џек Милер пак ова беше второ искачување на подиумот во 2019 година. Воедно тој беше и најдобриот независен возач.
После паузата поради дождот, Маркез беше возачот кој ја презеде лидерската позиција а Довициозо се најде на второто место. На почетокот на трката видовме борба меѓу четворица возачи, Маркез, Довициозо, Ринс и Милер кои за кусо време направија предност од една секунда во однос на Пол Еспаргаро и Валентино Роси. Како што се одвиваше трката, првите четворица возачи беа навистина изедначени а разликата меѓу нив изнесуваше само 0.8 секунди. А бидејќи патеката се уште не беше целосно исушена, возачите не сакаа премногу да ризикуваат.
Во меѓувреме, Роси успеа да го претекне Еспаргаро а кратко време потоа истото го направи и Кратчлоу. Но тогаш разликата со најдобрите возачи веќе беше околу четири секунди. На десет круга до крајот на трката, Маркез притисна повеќе и разликата со Довициозо изнесуваше половина секунда. Милер, кој беше на четвртото место, веќе заостануваше 1.5 секунди. Иако Довициозо во еден момент се обиде да го претекне Маркез, сепак еден круг подоцна разликата меѓу првите двајца возачи изнесуваше една секунда.
До крајот на трката единствено остана борбата за второто и третото место меѓу Довициозо, Ринс и Милер. Ринс се обиде да дојде до второто место но веднаш се соочи со обид за освојување и на неговата позиција.
На два круга до крајот Милер се обиде да го претекне Ринс но возачот на Suzuki успеа да се одбрани. Сепак, неколку секунди подоцна, во свиокот број пет Милер успеа да дојде до третото место откако веќе стана јасно дека Ринс има проблем со пневматиците. Во тој момент Маркез веќе успеа да стигне до шестата победа оваа сезона. Сега предноста во однос на Довициозо изнесува 63 поени. Италијанецот пак успеа да се искачи на подиумот за прв пат после трката во Муџело.
Зад Ринс, на четвртото место беше Кратчлоу кој заостануваше само 1.2 секунди. Роси заврши на шестото место и ова за него беше најдобар настап после трката во Ле Ман. Дебитантот Фабио Куартараро беше седми, на осмото место се најде Данило Петручи а девети беше Такааки Накагами. Иако имаше лош старт на трката, Вињалес на крајот сепак дојде до десетото место.
Пол Еспаргаро ја освои единаесетата позиција и заврши пред возачот на Pramac Ducati, Франческо Бањаиа. Мигел Оливеира го освои тринаесетото а Јоан Зарко четиринаесетото. Замената за Хорхе Лоренцо во тимот на Honda, Стефан Брадл го освои последното место кое носи поени.
Хафиз Сиахрин предвреме ја заврши трката откако излета надвор од патеката во седмиот круг а трката не ја завршија ниту Франко Морбидели и Јоан Мир, кои излетаа надвор од патеката уште во првиот круг.
На следната трка која се вози на патеката во Австрија за една недела, возачите ќе се обидат да го спречат Маркез да стигне до 51-та победа во кариерата. Но претходно, го имаме тестот во Брно.
Марк Маркез: „Бев концентриран уште од самиот старт на трката бидејќи имаше неколку влажни делови на патеката. Возав внимателно иако знаев дека зад мене се возачите на Yamaha кои имаа добар настап за време на квалификациите. На десет круга до крајот одлучив да притиснам повеќе и да направам поголема разлика. Ова беше одличен викенд за Repsol Honda. Сите бевме внимателни и прецизни и тоа ми помогна да стигнам до победата.“

Коментари