„Ќе се обидам да научам нешто и да се забавувам“ – Ники Хејдн.

Како што се шпекулираше, поранешниот светски шампион Ники Хејдн ќе се врати во MotoGP за трката во Арагон која ќе се оддржи овој викенд и ќе вози за тимот Marc VDS Honda.

Американецот, кој помина 13 сезони во Гран При трките пред да премине во Светскиот Супербајк шампионат, ќе го замени повредениот Џек Милер.

„Сакам да се натпреварувам и затоа со нетрпение ја очекувам трката,“ изјави Хејнд. „Мојот дом сега се Супербајк трките и ова не е обид да се вратам во MotoGP. Тука сум бидејќи на тимот на Honda му е потребен возач. Знам дека е тешко во MotoGP и никогаш не сум настапувал на овие пневматици на Michelin. Но, ќе се обидам да научам нешто и да се забавувам.“

PA2026551.0008

На Милер се уште му е потребно време за да ја санира повредата која ја доби на трката во Австрија.

„Му посакам на Џек брзо опоравување. Тој ми е пријател и возач во кој имам голема доверба. Затоа се надевам дека ќе оздрави за многу брзо време и ќе го покаже потенцијалот за кој сите знаеме дека го има.“

„Ова е необично искуство за мене бидејќи досега никогаш не сум бил замена. Но, имам добар однос со Honda и кога прв пат се појави оваа можност, тие ме поддржаа. Дефинитивно ќе ја гледав трката на телевизија но уште подобро е кога се натпреваруваш.“

„Знам дека не е лесно да настапуваш во MotoGP. Немам возено со овој мотоцикл а има и поинакви пневматици и електроника. Но, имам големо искуство и имам уште една можност да настапам во MotoGP, што лично за мене е фантастично.“

„Сакам да му се заблагодарам на тимот Estrella Galicia 0,0 Marc VDS за оваа можност. Исто така благодарен сум и на Ten Kate и на моите спонзори кои ми го овозможија ова. Ќе се обидам да ги направам горди.“

Хејдн последен пат настапуваше со пневматици на Michelin во 2008, една година пред MotoGP да премине на пневматици од Bridgestone.

35 годишниот возач во мометов настапува за тимот на Ten Kate Honda во Светскиот Супербајк шампионат и се наоѓа на петото место во генералниот пласман. Досега освои четири места на подиумот меѓу кој е и победата на трката во Сепанг. Негов најдобар резултат во MotoGP на патеката во Арагон е третото место кое го освои во 2010 година кога настапуваше за тимот на Ducati.

Во меѓуреме, Милер е еден од осумте возачи кои успеаа да остварат победа оваа сезона во MotoGP. Тој победи на трката која се оддржа во Асен. Таа победа беше и првата победа која ја остварил некој возач на сателитски тим на Honda по 2006, годината кога Хејдн ја освои MotoGP титулата со тимот на Repsol Honda.

„Секако дека сакаме Џек да се натпреварува во Арагон, но за жал тој е повреден,“ изјави директорот на тимот, Мајкл Бартолеми. „Подобро е тој да ја пропушти оваа трка за да биде спремен за останатите трки од кои една се оддржува во Австралија.“

„Со нетрпение очекувам Ники да пристигне во тимот и сакам да им се заблагодарам на Honda и на Ten Kate што овозможија тој да настапи за нас овој викенд.  Како поранешен светски шампион, тој со себе носи големо искуство кое ќе биде одлучувачко. Сигурен сум дека ќе има одлична трка.“

Уште еден возач од WSBK серијата, Алекс Ловс,  овој викенд ќе се трка на патеката во Арагон.  Англичанецот ќе го замени повредениот Бредли Смит во тимот на Tech 3 Yamaha.

Back To Top