Марк Маркез призна дека очекува неговиот тим но и останатите производители кои се дел од серијата, порано или подоцна да направат своја верзија на додатокот кој го користи Ducati.
Во интервјуто кое го имаше во пресрет на трката која овој викенд ќе се одржи во Аргентина, актуелниот шампион вели дека сега има смисла и другите тимови да го испробаат уредот кој го користи Ducati.
„Не знам каква е моменталната состојба но сигурен сум дека Honda се обидува да ја анализира ситуацијата, да открие како функционира направата и како може да се подобри. Сигурен сум дека и сите други производители ќе го испробаат бидејќи штом еден тим почне со нешто ново, другите го следат. Но не сум сигурен колку само ја зголемува брзината.“

Неговиот сонародник, Алекс Ринс, вели дека се согласува со Маркез. Сепак, признава дека не знае колкава предност носи уредот но е убеден дека тимовите ќе откријат каква корист имаат од него.
„Кога еден мотоцикл има некоја работа која е различна, веднаш и другите тимови се обидуваат да го ископираат тоа. На трката во Катар завршив на четврата позиција и поголем дел од трката бев зад Довициозо. Не забележав преголема разлика. Можеби на правецот имаше некаква промена, но тоа може да биде и поради други причини.“
Предвидувањата на Ринс беа потврдени вчера откако шефот на тимот, Давиде Бривио кој порача дека најверојатно и тие ќе вметнат нешто на својот мотоцикл и дека истото наскоро ќе го направат и другите тимови.
„Мислам дека и ние ќе се обидеме да направиме нешто слично. Додека ја чекавме конечната одлука, сите тимови го разгледаа овој дел и сигурен сум дека сите откриле нешто интересно што би можеле да го имаат“.

Коментари