Првиот човек на MotoGP тимот на Suzuki, Давиде Бривио, во интервју за MCN порача дека се надева дека жалбата која ја поднеле против додатокот на мотоциклот на Ducati ќе биде добра за шампионатот.

Suzuki им се приклучи на Aprilia, KTM и Honda и заедно поднесоа жалба против Ducati. Бривио вели дека е задоволен и покрај тоа што конечната одлука која ја донесе Апелациониот суд оди во прилог на Ducati.

„Нашата цел беше да се обидеме да разјасниме некои работи бидејќи сакаме да одстраниме дел од проблемите со кои се соочуваме. Сега треба да ги разгледаме тие работи. Треба да седнеме сите заедно и да ги разјасниме правилата со цел во иднина да ни биде полесно. Се надевам дека тоа ќе биде добро искуство и ќе ја подобри серијата.“

„Мислам дека повеќе станува збор за правно толкување отколку за осуда на техничкиот дел. Јасно е дека делот ја подобрува аеродинамиката. Тоа го потврдија нашите пресметки но исто така потврда стигна и од останатите тимови. Но според правилата, се зависи од вашата намера а Ducati кажа дека нивната цел е да се лади гумата.“

Davide Brivio Txt 29 03

„Според тоа како е напишано правилото, важна е главната цел на додатокот, а воопшто не е битно ако се подобрува аеродинамиката. Јасно е дека кога ќе заминете на суд, работите може да почнат да се движат во поинаква насока.“

Сепак, иако работите можеби се разјаснија на суд, Бривио смета дека сега ќе се појават нови работи. Вели дека нема да помине премногу време додека и другите тимови да почнат да го развиваат овој дел.

„Мислам дека и ние ќе се обидеме да направиме нешто слично бидејќи додека ја чекавме конечната одлука, сите тимови го разгледуваа овој додаток. Сигурен сум дека откриле нешто интересно што би можеле да го применат.“

Back To Top