„Ако не уживаш, невозможно е да бидеш брз“- Марк Маркез

Марк Маркез ќе ја има првата од четирите можности да ја освои титулата за сезоната 2016, следниот викенд на трката која ќе се оддржи во Јапонија.

Откако минатата сезона заврши на третото место, возачот на Repsol Honda е решен да ја освои својата трета титула во премиерната класа.

Исто така тоа ќе биде и негова петта титула за седум години, откако претходно ги освои титулите во класата од 125cc во 2010 година и Moto2 во 2012 година.

PA1607104.0008

Втората светска титула во 2014 година Маркез ја освои во Мотеги, но со оглед на моменталната форма на Валентино Роси и Хорхе Лоренцо, тоа веројатно нема да се случи на трката која ќе се оддржи следната недела.

23 годишниот возач во моментов има предност од 52 поени во однос на Роси и 66 поени во однос на Лоренцо. За да стане шампион, тој ќе треба да ја зголеми предноста на 76 поени пред најблискиот ривал.

Многу поверојатно е дека Маркез ќе ја прослави титулата на трката која ќе се оддржи на Филип Ајленд.

Која е тајната на неговиот успех?

Во Арагон, Crash.net го праша Маркез за тоа кој е најдобриот совет поврзан со тркањето што го добил. Ова е неговиот одговор:

„Сум добил многу совети, но на крај, она што е најважно е да уживаш на мотоциклот. Бидејќи ако не уживаш, невозможно е да бидеш брз.“

„Мораш да бидеш среќен, да уживаш и да бидеш концентриран. Да не размислуваш на останатите возачи и останатите тимови.“

Во досегашниот дел од шампионатот, Маркез победи на четири трки. Роси има две победи, а Хорхе Лоренцо три. Лоренцо е единствениот Шпански возач кој има освоено три титули во премиерната класа.

Back To Top