Враќањето на Marquez на Grand Prix of The Americas некако се поклопува со интересот на Honda за Fabio Quartararo.

Не сакаме да звучиме театрално и да шпекулираме, но денес се појавија вести кои е возможно да се поврзани, а можеби само тајмингот е незгоден. Имено, во еден ден се појави веста дека Marc Marquez дефинитивно ќе се обиде да вози викендов, како и веста дека Honda пројавила интерес за ангажман на актуелниот шампион Quartararo за која пишувавме во предсезоната.

Пишувавме претходно и дека постои можност Marc Marquez да се појави на оваа трка и секако ги наведовме фактите кои се на страна на одлуката за враќање. Веќе во текот на вчерашниот ден Шпанецот ја проверуваше својата состојба на патека возејќи со Honda CBR600RR. Денес се потврди можноста за да се врати веќе овој викенд на патеките. Секако со одобрение и на лекарскиот тим.

Но по појавата на новата вест од страна на Fabio, логички се поставува едно посуштинско прашање, а тоа е иднината на Marquez. 

Дали заради целата ситуација се створи дополнителен притисок на повеќекратниот шампион, па затоа се враќа порано од планираното, или едноставно се чувствува потполно подготвен и мотивиран за враќање на патеките?

Дали Honda веќе губи трпение со повредите на Marc и бара негова замена, со што би завршила, некако предвреме, неговата кариера?

Корпорација од калибарот на Honda вложува огромни средства во овој спорт со децении, при тоа освојувајќи титули во конкуренција на тимови, возачи и конструктори, со што притисокот на целиот тим е на работ на издржливост веќе трета сезона. Неизвесноста од здравствената состојба на Шпанецот е непозната за сите, но и покрај довербата која оправдано ја ужива кај неговите работодавци, последните случувања веројатно ги натера Јапонците да преземат следен чекор.

А кои се следните опции? 

Опција А. Наједноставно би било Marquez да е во добра (здравствена) форма, Yamaha да го подобри моторот и да гледаме двајца исклучителни возачи како се натпреваруваат еден против друг.

Опција Б. Доколку Marc остане да се натпреварува во добра форма, а сепак се ангажира Французинот, ќе треба да го замени Pol Espargaro кој е во моментов со поголеми шанси за освојување на титулата. Веројатноста да се ангажира Fabio во сателисткиот тим LCR Honda се чини малку веројанта, но е поверојатно можноста да го преселат Pol таму, доколку се задоволни од него сезонава.

Опција В. Fabio да го замени Marc со што би завршила неговата кариера, порано од очекуваното. Да се сетиме на еден генијален возач Casey Stoner кој од здравствени причини ја заврши кариерата по 2 освоени титули, на само 27 години.

Опција Г. Ова се чини како најневеројатна опција, но...доколку Honda престане да верува во Marc и се одлучи рано во текот на сезоната да го замени со Fabio, или со некој друг возач, тогаш постои опцијата Marc сепак да остане во шампионатот ангажиран од некој друг тим. Колку е да звучи незамисливо, сепак е опција. Има желба Шпанецот за победи и нови титули, но несреќниот низ на повреди го задржа во моментов. 

Ајде како за почеток да видиме како ќе се одвива следниот тркачки викенд, па ќе видиме како ќе се развиваат настаните потоа.

Back To Top