За разлика од Македонија, во која сè уште се освестуваме од новогодишниот викенд, а веќе го планираме следниот, пазарот на трудот во MotoGP не мирува ниту на 01.01.2022!
Навидум мирната меѓусезона во кралската класа сепак крие некоја активност кога станува збор за приграбување на нови возачи или продолжување на договорите со актуелните.
Специфична ситуација постои конкретно во редовите на HRC. Ако минатата година се замижуваше пред реалноста и се чекаше на опоравувањето на големиот Marc Marquez, сега по повторните здравствени пехови на Шпанецот, Јапонците конечно размислуваат малку пошироко.
Идилата во која уживаа Honda & Marc, ја расипа повредата на надлактицата која не само што ја уништи предминатата 2020 сезона за двете страни, туку имаше импликации и на мината сезона, а се очекуваше и до некој степен да влијае и на оваа нова 2022 сезона. Секако дека никој не може да предвиди кога и дали ќе се врати во форма ултра успешниот Marquez, но сигурно никој не можеше да ја предвиди и повторувањето на старата повреда, задобиена при пад од крос мотор на тренинг. Дуплирање на видот или diplopia е резултат на последната повреда која го спречи Шпанецот да ги извози последните 2 трки. Иако докторите најавија некаков стабилен прогрес, никако не се дрзнаа да дадат некаква прогноза кога би се вратил на патеките. Додека менаџерот Puig се обидува да ги убеди сите дека ќе го видиме Marc на првата трка сезонава, сепак не е сигурен дека ќе се појави на тестирањата.
Сега доаѓаме до поентата. Дури и на Marc му беше тешко да ги убеди инженерите на Honda да го унапредат мотоциклот кој (само) во негови раце доминираше последните години. Замислете како им е на останатите возачи на Honda во отсуство на шампионот? Веројатно не ги ни слушаат воопшто или гледаат низ нив барајќи го Marquez во далечината. А шампионот го нема, треба ли да се бара нов?
Ducati беше еден од тимовите кој во минатите години се однесуваше како што сега се однесува Honda: “Моторот е брз и снајди се како знаеш и умееш за да го возиш брзо”. Резултатите дојдоа дури откако Италијанците сфатија дека треба да ги слушаат возачите.
Honda покажа на последните тестирање комплетно поинаков концепт на мотоцикл што најавува конечна промена во пристапот, што е за поздравување, но неочекуваната нова повреда на нивниот најдобар возач ги стави повторно во пат позиција. Секако дека Pol е одличен возач, Taka има срце и на моменти е брз, додека пак братот Алекс е двократен шампион во пониските категории, но ниту еден од нив нема ниедна победа во кралската класа! Ниту една! И со тој факт тешко може да се очекува од нив да го предводат развојот на новиот мотор.
Што и преостанува на Honda?
Има уште еден возач кој има бар една победа, и тоа во сезоната во која освои титула. Joan Mir е возачот кој Јапонците го посакуваат во своите редови. Момчето си ја искористи шансата и ја освои титулата во 2020 најмногу заради константноста. Иако имаше возачи со по 3-4 победи, сепак титулата се освојува и со глава покрај брзина. Токму таков возач им е потребен. Некој на кој ниту Marc не може да му влијае со неговите mind games. Прашањето останува отоворено, на потег е Honda, времето одамна измина, стратешка одлука мора да се донесе, коцкањето на картата Marc Marquez по се изгледа полека но сигурно ја губи својата сила. Што ќе направат Јапонците останува да видиме.