Марк Маркез имаше беспрекорен настап и со предност од девет секунди успеа да стигне до победа на трката која се возеше во Аргентина.

Марк Маркез имаше беспрекорен настап и успеа да стигне до победа на трката која се возеше во Аргентина. На крајот тој заврши со предност од девет секунди пред Валентино Роси и Андреа Довициозо кои имаа интересна борба за второто место на подиумот.

Возачот на Repsol Honda, кој стартуваше од пол позицијата за кусо време успеа да направи предност во однос на другите возачи и до крајот на трката воопшто не беше загрозен од останатите натпреварувачи.

Marquez Argentina txt 01 04

Но борбата за второто место на подиумот беше особено интересна. Најпрво неколкумина атакуваа на таа позиција но подоцна се издвоија Роси и Довициозо.

Двајцата возачи најизменично се претекнуваа во седмиот и осмиот круг а во последниот круг се чинеше дека Довициозо ќе успее да се одбрани од налетите на возачот на Movistar Yamaha. Но во свиокот број седум, Роси успеа да го претекне Довициозо и да дојде до првиот подиум по трката во Германија која се возеше минатата година.

Со третото место кое го освои, Довициозо му ја препушти лидерската позиција на табелата на Маркез.

Возачот на Pramac Ducati, Џек Милер, ја покажа својата класа откако пред крајот на трката успеа да го претекне Алекс Ринс и да дојде до четвртото место. Возачот на Suzuki имаше импресивен настап.Трката ја стартуваше од шеснаесетото место но на крајот сепак успеа да заврши како петти.

Во последниот круг од трката дојде до судар помеѓу возачите на Petronas Yamaha и Monster Yamaha, Франко Морбидели и Маверик Вињалес. Во свиокот број седум, Италијанецот се удри во задното тркало на фабричкиот возач и двајцата излетаа надвор од патеката.

Данило Петручи успеа да го избегне инцидентот и на крајот се најде на шестата позиција а веднаш зад него беа Фабио Куартараро (Petronas Yamaha) и Такааки Накагами (LCR Honda).

Тимскиот колега на Накагами, Кал Кратчлоу доби казна бидејќи го прескокна стартот додека пак другиот возач на Honda, Хорхе Лоренцо, имаше катастрофален старт на трката и после првиот свиок се најде на последната позиција.

Излетувањето на Морбидели и Вињалес му овозможи на возачот на Aprilia, Алеш Еспаргаро да дојде до деветото место а веднаш зад него беше неговиот брат, Пол Еспаргаро и неговиот Red Bull KTM. Мигел Оливеира исто така имаше импресивен настап и со Tech 3 успеа да дојде до единаесетата позиција.

Лоренцо успеа да се опорави по слабиот старт и на крајот се најде на дванаесетото место додека пак Кал Кратчлоу беше тринаесети. Франческо Бањаиа (Pramac Ducati) и Јохан Зарко (Red Bull KTM) ги освоија последните места кои носат поени. Хафиз Сиахрин (Tech 3) и Андреа Ианоне (Aprilia ) беа останатите двајца возачи кои успеаа да ја завршат трката.

Avintia Ducati имаа лоша трка откако двајцата нивни возачи, Карел Абрахам и Тито Рабат излетаа надвор од патеката во претпоследниот круг. Јоан Мир и неговиот Suzuki исто така мораа предвреме да ја завршат трката поради механички проблеми.

Back To Top