Седумкратниот светски шампион во MotoGP, Марк Маркез, во искрено интервју за „The i Paper“ отворено проговори за предизвиците во својата кариера, вклучувајќи го пеколниот период со повредите, плановите за пензионирање, секојдневните физички ограничувања и неговиот однос со некогашниот голем ривал, Валентино Роси.
Во рамките на серијалот „My Sporting Life“, 33-годишниот шпански возач се осврна на клучните моменти кои ја дефинираа неговата легендарна кариера. Маркез нагласува дека и покрај бројните физички ограничувања, сè уште наоѓа начин да биде конкурентен на врвот, истакнувајќи дека чувството на победа е најдоброто гориво за неговото тело.
Маркез и Роси на трката во Брно (2019)
Најважните титули и борбата со повредите
Маркез издвојува две сезони како најзначајни во неговата кариера: 2013 и 2025 година. Иако му е тешко да се одлучи, 2013 година ја смета за посебна бидејќи тоа беше неговата прва титула во MotoGP. Сепак, минатата сезона ја опишува како најтешкиот предизвик во животот, со оглед на тоа што морал да се врати по сериозна повреда.
„Направив некои лоши одлуки по падот во 2020 година. Се вратив прерано, што само ја влоши ситуацијата. Тоа беше вистински кошмар. Минатата година повторно го повредив десното рамо откако ја освоив титулата. Од лактот до рамото, имав вкупно седум операции“, вели Маркез. Иако признава дека има одредени ограничувања, тој успева да го прилагоди стилот на возење за да остане конкурентен. „Не е онака како што би сакал, бидејќи чувствувам дека можам повеќе, но доволно е за да се борам за врвот“, додава тој.
Животот надвор од патеката и плановите за иднината
Периодот на отсуство од 2020 до 2024 година бил ментално исцрпувачки, што во одредени моменти го навело да размислува за пензија. Одлуката да премине од Honda во Ducati се покажала како пресвртница, враќајќи му го чувството за победа. Секојдневниот живот на Маркез е подреден на физичката состојба. Поради повредите, тој мора да биде внимателен при спиењето, избегнувајќи ја десната страна, а често посетува физиотерапевт, што го опишува како единствен начин за нормален живот.
Во слободно време, тој се обидува да води нормален живот, поминувајќи време со семејството и девојката. Иако сака да игра фудбал, го избегнува поради ризик од повреди. Исто така, се обидел да научи да игра падел со левата рака, но тоа се покажало како невозможно. Кога е во Шпанија, често се фотографира со фановите, а во слободно време игра Warzone на PlayStation со пријателите. Што се однесува до неговата иднина, Маркез има договор за оваа и уште две сезони. „Ако мојата физичка состојба ми дозволува, би сакал да продолжам. Но, нема да бидам првиот ниту последниот спортист што ќе ја заврши кариерата поради здравјето. Мислам дека тоа ќе се случи порано или подоцна, бидејќи секоја година болката станува сè поголема, но во моментов успевам да се справам со тоа“, објаснува тој.
Новата генерација и односот со Роси
Маркез ја посочува новата генерација на возачи, предводена од Педро Акоста, како иднина на спортот. „Тој е 10 или 11 години помлад од мене и е супер талентиран. Следната година и двајцата ќе возиме за Ducati, за тимот Lenovo, најдобриот мотор на гридот. Тука се и Давид Алонсо, Брајан Уриарте и Максимо Килес од другите категории“, вели Маркез. Иако ги смета за иднина на спортот, тој истакнува дека на 33 години сè уште успева да ги држи зад себе.
На прашањето за неговиот однос со Валентино Роси, Маркез е дециден дека не постои потреба од помирување. „Невозможно е да се најде решение. Некои работи не зависат од една личност. Потребни се двајца. За мојот личен живот, не ми е потребен тој, а ниту јас нему. Но, го почитувам она што го постигна. И двајцата донесовме многу во MotoGP и во светот на мотоспортот. Ние сме две многу различни личности“, заклучува Маркез.
Коментари