„Ќе возиме на патеки на кои треба да бидеме многу конкурентни и каде ќе можеме да го покажеме целиот потенцијал“ , Андреа Довициозо

За да може Ducati да има некаква шанса да дојде до титулата, потребно е да го спречат Марк Маркез да стигне до победа на следните две трки кои се возат во Брно и Австрија.

Данило Петручи успеа да стигне до победата на домашната патека во Муџело но во следните три трки Маркез ги победи Довициозо и Петручи.

А додека Маркез успеа да освои 70 од можни 75 поени на трките во Каталуња, Асен и Заксенринг, во истиот тој период Петручи успеа да дојде до само 39 поени а Довициозо освои 24 поени.

Doviciozo txt 1 01 08

Ова му овозможи на Шпанецот предност од 58 поени во однос на најблискиот ривал, Андреа Довициозо. Италијанецот повторно побара подобрување на мотоциклот наведувајќи притоа дека повеќе не можат да се сокријат проблемите кои ги има мотоциклот при излегување од свиок.

„Мислам дека веќе шест години зборувам за овој проблем. Но сега мораме да се подобриме бидејќи нашите ривали стануваат се подобри и подобри.“

„Јасно може да се забележи разликата кога сме во средина на свиоците. Мислам дека ни треба добра стратегија и поголема фокусираност бидејќи премногу губиме во тој момент.“

Довициозо вели и дека паузата од три недели му овозможила да ги погледне работите од поинаква перспектива.

„Летната пауза е секогаш добредојдена за да ги наполниме батериите“, изјави Довициозо кој последната победа ја постигна во Катар.

„И покрај тоа што имавме добар настап во Асен и Заксенринг, сепак чувството над мотоциклот не беше најдобро.“

„Мораме да останеме позитивни. Напорно работевме во изминативе три недели и подготвени сме за вториот дел од сезоната.“

„Ќе настапиме на патеки на кои сме конкурентни и на кои ќе можеме да го покажеме целиот потенцијал.“

Doviciozo txt 2 01 08

Минатата сезона на патеката во Брно, Довициозо беше подобар од тимскиот колега Хорхе Лоренцо за само 0,178 секунди. Разликата со Маркез кој исто така се најде на подиумот изнесуваше 0,368 секунди.

Петручи, кој во моментов заостанува само 6 поени зад Довициозо, вели дека во голема мера се сложува со мислењето на неговиот колега и порача дека не може да дочека да ги испроба новите подобрувања на мотоциклот.

„После паузата не можам да дочекам да се качам на мотоциклот“ , вели Петручи. „Ми се допаѓа патеката во Брно а и нашиот мотоцикл е секогаш конкурентен тука. Минатата година завршив на шестото место но заостанував само три секунди зад победникот. Мислам дека оваа година повторно ќе имаме шанса да постигнеме добар резултат.“

„Нашиот тим работи напорно и не можам да дочекам да ги испробам подобрувањата. Важно е да почнеме позитивно бидејќи понекогаш работите се менуваат после летната пауза. Мораме да покажеме дека сме подготвени за вториот дел од сезоната.“

Back To Top