Франческо Бањаја имаше разочарувачки почеток на тркачкиот викенд на патеката Мотеги, завршувајќи на 16-тото место во претквалификациите. Поради овој резултат, актуелниот шампион ќе мора да ја бара својата шанса за влез во борбата за пол-позицијата преку првиот квалификациски сегмент (Q1).
Иако викендот е во рана фаза, италијанскиот возач не крие дека се соочува со сериозни технички предизвици кои драстично се разликуваат од неговиот доминантен настап на оваа патека минатата година.
Бањаја посочи дека главниот проблем е недостатокот на заден грип, што директно влијае на неговата способност да го забави мотоциклот при сопирање. „Имам нула грип и многу е тешко. Мораме да работиме на тоа за утре“, изјави возачот на Ducati. Според него, ниту новиот асфалт на патеката не ја менува ситуацијата, а состојбата ја оценува како потешка отколку на Red Bull Ring во Австрија, каде што ниското ниво на прилепување беше проблем за сите возачи, додека на Мотеги тој лично се чувствува побавeн од конкуренцијата.
Обидите за промена на сетапот на мотоциклот во текот на денот не ги дадоа посакуваните резултати. „Пробав различни сетапи, но не функционираа како што очекувавме, па ќе мораме да најдеме друг пристап“, додаде Бањаја. На прашањето дали е решен проблемот со сопирачките што се појави претходно во Австрија, возачот кратко упати прашањето да се постави до тимот.

Коментари