Triumph ги претстави клучните детали од нивниот TE-1 електричен проект кој не само што изгледа фантастично туку е опремен со врвна технологија и има одлични перформанси.

Работејќи заедно со неколку Британски компании меѓу кои Williams Advanced Engineering, Integral Powertrain и Warwick Manufacturing Group, финансирани од канцеларијата за нула емисии на штетни гасови, Triumph креираше прототип за кој веруваме дека ќе ги предизвика останатите електрични мотоцикли.

Од компанијата велат дека TE-1 ќе има тежина нешто повеќе од 220 килограми, ќе има 174bhp и со едно полнење на батеријата ќе можете да поминете околу 193 километри.

Но најинтересно е тоа што батеријата има можност за полнење од 0 до 80 проценти за само 20 минути.

„Сакавме да истражиме како може да се креира електричен мотоцикл кој ќе ги убеди сите во неговите квалитети па дури и да ги оттргне луѓето од моторите на внатрешно согорување“, вели Стив Сарџент, еден од директорите во Triumph.

„За да го направиме тоа треба да ги разбереме клиентите, како тие го користат мотоциклот и што сакаат од него. За електричните мотоцикли да растат, тие треба природно да им дојдат на луѓето.“

Triumph TE 1 txt 1 26 03

„Возачите ги сакаат истите перформанси и чуство кое го нуди мотоциклот кој има мотор со внатрешно согорување но не сакаат да ја платат истата цена“, додава Сарџент.

„И ние сметаме дека цената треба да одговара. Иако цената на батериите се намалува, тие сепак се уште се скапи. Затоа мотоциклот ќе се појави на пазарот дури тогаш кога ќе мислиме дека цената ќе одговара.“

Што е следно? Ова е дел од следниот, втор, чекор на компанијата (првиот беше самата најава) а од Triumph велат дека третиот чекор најверојатно ќе биде претставувањето на прототипот кој сега го тестираат и дека тоа се очекува да се случи во октомври.

Извршниот директор на Triumph, Ник Блор, вели дека TE-1 е еден од темелите на кои ќе се гради идната стратегија за електрични мотоцикли. Според досегашните најави, Triumph планира да биде главна во овој сегмент.

Технички детали

Triumph TE 1 txt 2 26 03

TE-1 проектот е голема тимска работа. Заедно соработуваат неколку Британски компании кои се познати по ваквите потфати а финансирано е директно од владата.

Секој од нив се концентрира на сегмент кој веќе им е познат, Triumph е задолжен за шасијата, Williams за батеријата, Integral за моторот а WMG за компјутерското моделирање.

Технологија од Формула Е

Williams има искуство во дизајнирање и изработка на батерии. За TE-1, Williams ја создаде батеријата која сега има нова архитектура и софтвер.

„Искористивме многу од нашата технологија која веќе е дел од мотоспортот за да ја креираме следната генерација на батерии кои имаат за цел да ги исполнат сите атрибути кои му се потребни на еден возач на Triumph“, вели Дир Ардаш, менаџер во Williams Advanced Engineering.

„Капацитетот е приближно 15kWh но тоа не е целата приказна. Ние успеавме да ја оптимизираме со цел да има опсег од 190 километри а времето за полнење да биде пократко. Батеријата исто така ги има перформансите благодарение на топлотниот менаџмент и нашиот контролен систем.“

„Најголемиот предизвик за нас беше кога не притисна Triumph да го оддржиме вистинскиот центар на гравитација кој ни е потребен за возењето.“, вели Ардаш.

Triumph TE 1 txt 3 26 03

Лесен електричен мотор

На Integral не им се непознати електричните мотоцикли кои имаат високи перформанси. Тие веќе имаат креирано мотор за I.D R тркачкиот автомобил кој веднаш постави рекорди на Pikes Peak и Goodwood Festival of Speed.

Но иако превозните средства на две тркала се нови за Integral, нивниот мотор и инвертер кај TE-1 постави нови стандарди за електричните мотоцикли произведувајќи речиси 175bhp.

„Започнавме многу едноставно но за брзо време ни стана јасно дека моторот треба да биде многу мал за максимално да се искористи просторот“, вели Ендрју Крос, главен технички директор во Integral Powertrain.

„Клучен дел од тоа за нас беше да го вметнеме моторот со инвертер (делот кој менува од DC на AC)“.

„Другиот клучен дел беше да се максимизира ефикасноста. Нашиот мотор постигнува 97 проценти додека пак инвертерот речиси 99 проценти.“

„Прекинувачот на овој мотор користи Силикон Карбид кој преставува полу-проводник и е поефикасен од стандардните прекинувачи. Kога прекинувачот се отвора и затвора, овој мотор губи помалку енергија од стандардниот мотор. Тоа значи дека или добивате поголем опсег за помалку потрошена енергија или пак можете да го намалите капацитетот на батеријата.“

Triumph TE 1 txt 4 26 03

Развој преку симулација

WMG (University of Warwick) е познато име на многу возачи најмногу поради неодамнешниот Aurora електричен супербајк проект. Покрај тоа што ги обединуваат добавувачите, благодарение на нивната експертиза, WMG изработија симулација на TE-1, овозможувајќи голем број на часови посветени на тестирање без некој дури и да го сврти тркалото.

„Во минатото кога сакавте да создадете некој производ, прво го креирате, потоа го тестиравте но ако сакате да направите одредени промени, тогаш морате да почнете одново“, вели Фил Вифин, раководител на одделот за напреден погон во WMG.

„Успеавме да го симулираме возачот, мотоциклот, околината, целиот циклус. Triumph успеа да ги постави своите цели и преку симулацијата можевме да работиме на спецификациите за да го постигнеме тоа. “

„Веднаш можете да видите дали можете да го креирате она што го имате замислено. Креиравме ‘hardware in the loop’ а симулаторот може да ги полни со информации сензорите и ECU за тие да мислат дека се наоѓаат на вистински мотоцикл кој вози на некој пат. Крајниот резултат е дека брзо можете да направите стотици промени без некој поголем трошок.“

Back To Top