На првиот натпреварувачки викенд оваа сеозна сензационален почеток на нашите возачи во рамки на европскиот БМУ шампионат.
Изминатиов викенд се одржаа првите трки од националното и европското БМУ првенство за оваа сезона. Се возеше на патеката во Серез, Грција. Нашите возачи постигнаа одлични резултати. Во конкуренција од вкупно 123 натпреварувачи од Македонија, Австрија, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Турција, Грција, Кипар и Молдавија најзабележителен резултат постигна носителот на златна кацига нашиот Хритијан Бузалковски.
Во класата F600 тој во двете трки во саботата и неделата го освои убедливото прво место со што оствари победи и во националниот и во БМУ европскиот шампионат. Љупчо Пендовски го освои 11 место во европскиот, а 2-рото во националниот шампионат. Додека пак Павле Ташковиќ ја освои 14-тата позиција во европскиот и трета во националниот шампионат. На четвртата позиција во националното бодување се најде Димитар Димитров а петтото место му припадна на Иво Таневски.
„Остварив одлични резултати, победив на двете трки, моторот работеше перфектно и се помина во најдобар ред! Среќен сум што остварив одлични резултати заедно со мојот тим и се надевам дека ќе продолжиме со истото темпо и во иднина! Огромна благодарност до моите спонзори Компанија Велкоски, Идеа лаб, Скај Мото, Триглав, Агенцијата за млади и спорт, Федерацијата и сите кои не поддржуваат! - изјави Христијан Бузалковски за motori.com.mk по својот супер успешен викенд.
Во класата F1000 првото место и во европскиот и во националниот шампионат му припадна на Душко Чифлиганец. На втората позиција исто така во двете првенства се најде наш возач, Синиша Кочовски додека пак на третата позиција во националниот и 11 во европскиот шампионат беше Слободан Ивчевски.
Во вторите трки во неделата во класата F600 како што веќе и пишавме првoто место му припадна на Христијан Бузалковски, 8-ми во вкупниот поредок и втор во националниот беше Љупчо Пендовски додека пак Иво Таневски го освои третото место во националниот и 13-то во европскиот шампионат. По нив слeдуваат на 4 и 5 место во националниот шампионат Павле Ташковиќ и Димитар Димитров.
Во класата F1000 на втората трка втор во вкупниот поредок беше Синиша Кочовски со што го освои и првото место во националниот шампионат. Победниот од првиот ден Душко Чифлиганец не успеа да се вброи во резултатите за БМУ европскиот шампионат, а во националниот го освои второтo место. Трет во националниот шампионат беше Слободан Ицевски.
Следната трка се вози на крајот на месец мај на патеката Навак во Србија.