Викендов на патеката Самоков во Бугарија се возеше петтата рунда од Источно Европскиот шампионат во мотокрос на која настапија седум наши претставници.
Викендов на патеката Самоков во Бугарија се возеше петтата рунда од Источно Европскиот шампионат во мотокрос на која настапија седум наши претставници.
Повеќе од 120 возачи викендов се натпреваруваа во класите МХ65, МХ85, МХ, МХ Ветерани, МХ2, МХ2 Јуниор и МХ1 на патеката Самоков во Бугарија во рамките на петтата рунда од Источно Европскиот шампионат во мотокрос.
Македонската делегација ја сочинуваа 7 возачи во четири различни класи. Во класата МХ/МХ Ветерани настапија Борче Костов, Мирче Ќорнаков, Гркот Петрос Танусис кој вози со наша лиценца, како и Јован Стојков и Васко Киров. Во класата МХ2/МХ2 Јуниор го имавме Христијан Станкович, а во најсилната класа МХ1 добро познатиот Христијан Илиоски.
Класата МХ настапот го започна во саботата кога се возеше првата трка, следевме возбудлива борба во конкуренција на 40 возачи. Полната рампа значеше и квалификации за тоа кој ќе настапи на самата трка бидејќи во Самоков се појавија повеќе од 40 возачи за класите МХ и МХ Ветерани, но за среќа сите наши претставници успешно ги поминаа квалификациите.
Најдобар пласман во оваа класа имаше Петрос Танусис кој првата трка ја заврши на 14 позиција, но за жал неговиот мотор не издржа па тој не настапи на втората трка. Јован Стојков имаше одлично возење на првата трка но за жал немаше среќа на втората кога на два пати доживеа пад. Првата трка беше карактеристична по правот кој не дозволуваше возачите да го покажат целиот свој потенцијал. Повеќето од возачите беа заглавени зад моторите кои паднаа на средина од патеката што и овозможи на предната група да направи разлика. На втората трка пак калливата подлога која беше резултат на наводнувањето пред почетокот на сесиите повторно им ја отежна работата на возачите.
Мирче Ќорнаков кој е познат по доброто стартување ја покажа својата магија во првата трка, по стартот тој се приклучи на првиот дел од колоната но за жал до крајот успеа да се избори само за 15 позиција во класата МХ Ветерани која му донесе 6 бодови. Веднаш зад него се најде Борче Костов кој прокнижа 5 бодови за 16-та позиција, но одличниот настап на Костов на втората трка му го донесе 12-то место и нови 9 бодови во борбата за четвртата позиција во генералниот пласман.
Васко Киров успешно ги заврши двете трки во Самоков што секако ќе придонесе за неговиот понатамошен развој и напредок во кариерата. Конкуренцијата во оваа класа беше навистина голема и самото тоа што нашите натпреварувачи се квалификуваа за трките и ги завршија претставува успех.
Во класата МХ2/МХ2 Јуниор Христијан Станкович имаше 21-во време на квалификациите во конкуренција на 27 возачи, за во неделата на првата трка да заврши на 13-та позиција во МХ2 Јуниор. Втората трка за него донесе лош старт и мал пад кој на крајот значеше 15-та позиција но ново искуство и мотив повеќе да работи на својот напредок. Треба да се има во предвид и дека сите наши возачи во Бугарија отпатуваа веднаш по возењето на две трки во Куманово на тешка и правлива патека која физички ги истроши до максимум.
Во класата МХ1 нашиот најдобар натпреварувач Христијан Илиоски беше незапирлив. Тој доминираше на двете трки благодарение на што на крајот се искачи на нај високот место на пиедесталот за честа да се слушне македонската химна во Самоков. Со победата во Бугарија Кико се искачи на вотрата позиција во генералниот пласман со заостанување од 38 бодови зад прво пласираниот Тодор Тотев.
До крајот на шампионатот сигурна е уште една трка која треба да се вози во Тројан, Бугарија, а неизвесно е дали ќе се одржи трката во Гевгелија која беше откажана на почетокот од сезоната заради поплавите.