(Време на читање: 3 - 5 минути)


Возењето мотор со совозач може да делува застрашувачки на почеток, но со добра подготовка и неколку ситни прилагодувања, возењето со совозач може да стане едно од вашите најубави искуства.

За првпат, идејата да возите со некого позади може да изгледа страшно, но всушност не треба да биде така. Потребни се само неколку мали промени во стилот на возење и подесувањето на моторот за да го направите тоа безбедно.

vozenje sovozac 2Со совозач, не го делите само возењето – го делите секој момент

Возењето со совозач е и едно од најубавите нешта што можете да ги доживеете на мотор. Не го делите само возењето – го делите секој момент, секој поглед и секое чувство во реално време. Особено е убаво кога личноста што ја носите е нова во светот на двата тркала.

Но за да се осигурате дека ќе уживаат, и нема да се исплашат веќе на првиот метар, има неколку важни работи што треба да ги земете предвид.

Како да возите мотор со совозач?

Пред да се качите на моторот, добро е да поразговарате со совозачот. Прашајте дали претходно бил/а на мотор. Ако е првпат, објаснете што ќе се случува, особено како моторот се навалува во свиоци.

Иако виделе мотори на пат, чувството на навалување во свиок може да биде чудно и многу поекстремно отколку што изгледа. Потсетете ги да се навалуваат со вас и објаснете што би се случило ако не го прават тоа. Покажете им каде да се држат – за вас или за рачките ако ги има.

vozenje sovozac 3Објаснете му на совозачот што ќе се случува, особено како моторот се навалува во свиоци

Каква опрема му треба на совозачот?

Како и возачот, совозачот мора да носи кацига – тоа е законска обврска во Македонија. Но кацига, тенка јакна и патики не се безбедна комбинација. Доколку немаат, позајмете им ваша резервна опрема: јакна, панталони, чизми, ракавици и сертифицирана кацига што добро им стои. Доколку немате, не ги качувајте. Сериозно, немојте да возите никого без опрема.

Не го преоптоварувајте моторот

Секој мотор има максимална дозволена носивост која не смеете да ја надминете. Проверете го упатството или консултирајте се со вашиот сервисер.

Дали треба да го прилагодите моторот пред да возите со совозач?

Најчесто – да. Главно задниот амортизер треба да добие повеќе претоптоварување (preload) за да се справи со дополнителната тежина. Проверете ги и гумите и наполнете ги до препорачаниот притисок.

dsc 0744Возете опуштено, и вашиот сопатник ќе ужива во возењето

Бидете опуштени

Една од најчестите грешки е да бидете стегнати. Тоа не помага никому, ни на вас, ниту на совозачот. Држете ги рамениците опуштени – тоа ќе ги опушти и нив. На подолги релации, опуштеното возење ќе ви помогне да избегнете замор и болки.

Бидете „мазни“

Често се случува кацигите да се удираат при кочење, забрзување или менување брзини. Причината е што возачот има резервоар, рачки и ногарки за стабилност, а совозачот има само ногарки и вас. Исто така, сопатникот не знае точно кога ќе кочите или ќе забрзате.

Не можете целосно да го избегнете ова, но можете значително да го намалите.

Клучот е мазност: мазно кочење, мазно забрзување, мазни промени на брзини. Дајте им време да се прилагодат на движењата.

vozenje sovozac 6Не возете сопатник без опрема!

Ставете се во нивна кожа

Совозачкото седиште најчесто е повисоко, па навалувањето во свиоци се чувствува поекстремно. Исто важи и за кочењето и забрзувањето. Затоа – мазност, предвидливост и постепеност.

Возете полека и уживајте

Возењето со совозач не е момент за докажување. Повеќето совозачи не сакаат агресивно возење, иако можеби така велат пред да се качат. Агресивното возење само ќе ги исплаши и веројатно нема да сакаат повторно да се возат.

Во град, избегнувајте нагли престигнувања и агресивно провлекување меѓу колони. Може да го правите тоа, но помирно и со повеќе простор.

Планирајте однапред

Знајте ја рутата, каде ќе застанете, и планирајте порано отколку кога возите сами. Забавувајте порано, менувајте ленти порано, бидете појасни во намерата.

Со двајца на моторот, маневрите се потешки. Избегнувајте тесни свртувања, посебно при поаѓање и застанување. Ако морате, побарајте совозачот да слезе за момент.

vozenje sovozac 4Внимавајте, со двајца на моторот, маневрите се потешки кога возите бавно.

Каква возачка дозвола ви треба?

Во Македонија важат следниве правила:

  • За да возите мотор со совозач, мора да имате категорија А, А1 или А2, зависно од типот на моторот.

  • Возачи со категорија АМ (мопеди до 50cc) смеат да носат совозач само доколку мопедот има второ седиште.

  • Возачи со категорија А1 и А2 смеат да носат совозач само ако моторот конструктивно го дозволува тоа.

  • Возачи со категорија А смеат да носат совозач без ограничувања, освен техничките.

vozenje sovozac 7Иако повеќето мотори технички дозволуваат совозач, малите мотори со мала моќност не се практични

На каков мотор смеете да носите совозач?

Според македонските прописи:

  • Моторот мора да има предвидено седиште за совозач.

  • Мора да има ногарки за совозачот, кои тој мора да може да ги достигне.

  • Совозачот мора да може да седи исправено, свртен напред, со нозете на ногарките.

  • Се дозволува само еден совозач.

Иако повеќето мотори технички дозволуваат совозач, малите мотори со мала моќност не се практични – дополнителната тежина значително ја намалува перформансата.

vozenje sovozac 8Не заборавајте, дете секогаш се вози зад вас, немојте да го ставате напред помеѓу вас и резервоарот.

Може ли дете да биде совозач?

Да, но под следниве услови:

  • На мотор смее да се превезува дете над дванаесетгодишна возраст, притоа детето мора да може да ги достигне ногарките.

  • Мора да носи кацига.

  • Мора да може да се држи стабилно.

  • Силно се препорачува целосна заштитна опрема.

  • Родителска согласност е препорачлива ако детето не е ваше.

  • Детето секогаш се вози зад возачот, никогаш пред него!

Финален совет

Возете со совозач само кога сте сигурни во вашите вештини како соло возач. Изберете убав ден, возете смирено и уживајте во можноста да го споделите светот на две тркала со некој друг.

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: