(Време на читање: 2 - 3 минути)


Со овој текст можеби ви изгледа како да се враќаме на основните работи, но постојано се изненадувам од бројот на луѓе кои не знаат, или не разбираат, што пишува на шишето со масло и поради тоа не знаат што купуваат.

Да почнеме од почеток. Доколку на шишето не ги пишува основните информации – не го купувајте! Побарајте масло на кое јасно се наведени следните податоци:

  1. Намената (моторно масло, масло за менувач...)
  2. Вискозноста (10W-40, 5W-30 и сл. за моторно масло; 75W-90, 80W-90 и сл. за менувач)
  3. Спецификациите (API, ACEA и кај мотоциклите – JASO)

Игнорирајте ја рекламата на етикетата. Поважно е што пишува во спецификациите отколку големата етикета „Racing“ која стои на предната страна.

motul motorno maslo

Намената

Секое масло има конкретна намена и не треба да се мешаат. Кај повеќето мотоцикли моторот, менувачот и спојката користат исто масло – затоа изборот е уште поважен.

Спецификациите (API / ACEA / JASO)

Ова е делот кој најчесто се игнорира, а е критичен.

  • API (пример: SN, SP) – американска класификација за квалитет.
  • ACEA – европска класификација (почесто кај автомобилски масла).
  • JASO MA / MA2 – задолжително за мотоцикли со мокра спојка (wet clutch).

Доколку вашиот мотоцикл има мокра спојка, користете масло со JASO MA или MA2 ознака.

Вискозноста

Повеќето модерни масла се повеќеградни (multigrade), како на пример 10W-40.

Кај 10W-40, ознаката 10W (W = winter (зима), не тежина (weight) или вати (watt) или било што друго што сте го слушнале) означува однесување на ладно. Колку е помал W бројот, толку подобро маслото ќе тече при ниски температури.

menuvanje motorno maslo

Бројот 40 означува дека маслото мора да се наоѓа во одреден опсег на вискозност на 100°C. За SAE 40 тој опсег е помеѓу 12.5 и 16.3 cSt на 100°C. Тоа значи дека 0W-40, 5W-40 и 10W-40 имаат слична вискозност кога моторот е загреан.

Прирачникот на вашиот мотоцикл секогаш е финалниот одговор за тоа која градација треба да ја користите.

Дали 0W и 5W се „премногу ретки“?

Ова е чест мит. Разликата помеѓу 0W-40 и 10W-40 е во однесувањето при ладен старт, не на работна температура.

Вискозноста се мери во centistokes (cSt) и секогаш мора да биде поврзана со температура (најчесто 40°C и 100°C).

Како се однесува маслото на различни температури?

Температура (°C)Вискозност (cSt)
0 2579
20 473
40 135
60 52.2
100 14
120 8.8


Како што гледате, маслото е многу погусто на 0°C отколку на 100°C. Затоа повеќеградните масла обезбедуваат подобра заштита при ладен старт.

Благодарение на модерните базни масла и адитиви, маслото може да остане доволно течно на ладно, а сепак да остане во потребниот вискозен опсег на 100°C.

Доколку не можете да го најдете прирачникот, на веб сајтот на Мотул можете според марката/моделот да пронајдете кое моторно масло е препорачано за вашиот мотоцикл.

Мотоцикл ≠ Автомобил

Кај повеќето мотоцикли истото масло го подмачкува моторот, менувачот и спојката. Моторите работат на повисоки вртежи и поголеми оптоварувања, па затоа JASO спецификацијата е важна.

Интервал на промена

Маслото се менува според километража, но и според временски интервал (најчесто една година). Честа градска вожња или trackday користење значи пократок интервал. Филтерот секогаш се менува заедно со маслото.

Најчести митови

  • „0W е премногу ретко“
  • „Скапо масло = најдобро масло“
  • „Автомобилско и мото масло се исти“

Запомнете, најдобриот избор секогаш е маслото кое е препорачано од производителот на вашиот мотоцикл!

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: