(Време на читање: 2 - 4 минути)


Шест македонски мотокрос возачи изминатиот викенд настапија на шестата рунда од BMU European Motocross Championship 2026, која од 4 до 6 септември се одржа на патеката „Doxa Bair“ во Кортен, Бугарија.

Македонија во Кортен ја претставуваа Христијан Илиоски, Иво Стефков, Виктор Андреевски, Михаил Стојковски, Васко Киров и Ивица Гиновски. Најголемо внимание повторно привлекоа Илиоски и Андреевски, кои по шест рунди остануваат меѓу најдобрите во своите класи – Илиоски е лидер во MX1, додека Андреевски е трет во MX125.

799972022 2060162781276119 6428561237203939048 n

Христијан Илиоски петти во Кортен и лидер во MX1

Христијан Илиоски викендот во Бугарија го заврши на петтото место во MX1. Поради ризичните услови на патеката во неговата класа беше извозена само една трка, а втората беше откажана.

Илиоски овојпат свесно го прилагоди темпото на условите и наместо непотребен ризик се фокусираше на освојување важни бодови за шампионатот.

Извозена само една трка, втората откажана поради ризичната патека. Овој пат возењето го прилагодив на дадените услови на патекатаизјави Илиоски по настапот во Кортен

Со освоените бодови од Бугарија, Илиоски останува убедливо на првото место во генералниот пласман во MX1 со 229 поени. Второпласиран е Кристијан Томпа од Романија со 166 поени, што значи дека македонскиот возач во продолжението на сезоната влегува со 63 поени предност.

Досегашната сезона за Илиоски е исклучително успешна. Тој освои максимални 50 поени на рундата во Хајраболу, Турција, а со константните резултати во останатите настапи изгради сериозна предност на врвот.

803102796 10235605552264772 2782901861630928668 n

Виктор Андреевски деветти во Бугарија, останува трет во MX125

Во класата MX125, Виктор Андреевски го заврши викендот на деветтото место во конкуренција од 30 натпреварувачи.

Андреевски во двете трки мораше да вози повнимателно поради проблем со моторот, но и покрај тоа успеа да освои доволно бодови за да ја задржи третата позиција во генералниот пласман.

Солиден викенд. Поради мал проблем со моторот морав да бидам внимателен и паметен во двете трки, но ќе го земеме позитивното. Сè уште го задржав третото место во БМУ шампионатотнапиша Андреевски по трката

По шест рунди, Андреевски има 127 поени и е трет во MX125. Лидер е Александру Думитру Самуил од Романија со 250 поени, додека второпласираниот Феј Окур од Турција има 157.

За Андреевски особено значајно е што и покрај техничкиот проблем во Кортен успеа да остане во борбата за висок пласман во шампионатот.

800862014 18127459831753449 9089127232987719928 n

Стефков четврти во MX2, бодови и за Стојковски, Киров и Гиновски

Иво Стефков во MX2 го заврши настапот во Кортен на 11. место (10 поени), а по шест рунди се наоѓа на четвртото место во генералниот пласман со 112 поени.

Во класата MX125, покрај Виктор Андреевски настапи и Михаил Стојковски, кој во двете трки заврши на 19. место (2 поени) и од Кортен си замина со вкупно 4 поени.

Во класата MX настапија Васко Киров и Ивица Гиновски. Киров во првата трка заврши на 7. место (14 поени), а во втората на 11. место (10 поени). Гиновски беше 15. во првата трка (6 поени) и 16. во втората (5 поени).

781077540 38340004315584796 1326782897568918195 n

Следната рунда првпат во Молдавија

BMU European Motocross Championship продолжува на 19 и 20 септември, кога шампионатот за првпат ќе гостува во Република Молдавија.

Домаќин ќе биде новата мотокрос патека во Унгени, а ова ќе биде и првпат Молдавската федерација да организира рунда од балканскиот шампионат.

Македонските претставници така продолжуваат со одлична сезона во БМУ шампионатот, со лидер во MX1, третопласиран во MX125 и уште неколку возачи високо позиционирани во генералните пласмани.


Генерален пласман по 6 рунди

MX1

  1. Христијан Илиоски – Македонија – 229
  2. Кристијан Томпа – Романија – 166
  3. Јигит Али Селек – Турција – 129

MX2

  1. Дани Цанков – Бугарија – 270
  2. Јоан Каприоара Сордоц – Романија – 195
  3. Јигит Мехмет Кара – Турција – 123
  4. Иво Стефков – Македонија – 112

MX125

  1. Александру Думитру Самуил – Романија – 250
  2. Феј Окур – Турција – 157
  3. Виктор Андреевски – Македонија – 127

Михаил Стојковски е 48. во MX125 со 4 поени.

MX

  1. Кристијан Крастев – Бугарија – 190
  2. Григор Царев – Бугарија – 142
  3. Мустафа Четин – Турција – 130
  4. Батухан Демирјол – Турција – 88
  5. Васко Киров – Македонија – 83

Ивица Гиновски е 10. во MX со 50 поени.

Пријавете се на билтенот за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: