Вториот ден од нашата посета на Супербајк трката во Истанбул Парк го искористивме за интервју со возачот на Каваски тимот и лидер во генералниот пласман, Том Сајкс.
Како се осеќаш во Турција?
Прв пат сум во Истанбул, за мене ова е одлична стаза, навистина брза, широка, техничка и делува безбедно. Ме потсеќа на модерна МотоГП патека, и среќен сум што имаме можност и во Супербајк да ја возиме.
Рече дека е безбедна патека, а сепак денеска бевме сведоци на неколку тешки падови на возачите, меѓу кои и оние на Карлос Чека и Леон Камиер кои ги оддалечија од трката во недела.
Да, иако патеката е широка и безбедна, сепак ваквите работи се случуваат. Мене ми е навистина жал што Чека и Камиер нема да бидат присутни на трката во недела но таков е тркачкиот живот, мораме да бидеме подготвени и за неубавите работи. Не сум суеверен и не сакам да мислам дек ова е заради датумот (петок 13-ти н.з.)
Кои се твоите очекувања за крајот на шампионатот?
Знаете има уште 4 рунди до крајот, следната рунда исто како и на оваа, за мене ќе биде прва трка на нова патека, за разлика од моите конкуренти кои веќе имаат возено. Сите кои се во борба за титулата возеле на Истанбул Парк, а и во Лагуна Сека, па иако ме прави тоа почетник, сепак верувајте дека ќе следите борба до последна трка и секако никој нема да се предаде. До крајот не очекува борба во која четворица возачи ќе го дадат својот максимум, можеби и пет ако го вброиме и Чаз Дејвис, во оптек се 200 поени и се може да се случи.
Кој е твој главен конкурент оваа сезона?
Знаете кога на почетокот ме известија дека Силвијан Гинтоли го доби местото во Априлија, знаев дека тој ќе биде човекот кој треба да се победи. Априлија има мотор кој може да го извади потенцијалот од возачот, ако ви текнува уште на првата трка сезонава и возењето на Фабрицио и Џулијано ќе знаете за што зборувам. Не ги потценувам останатите возачи, конкурент за титулата ми е Лаверти и Меландри, но како возач сметам дека Гинтоли е оној кој ќе ме намачи до крајот.
Го спомена Меландри, тој во моментов е во потрага по тим за следната сезона, а според она што го знаеме за него се заинтересирани двата најголеми Супербајк тимови. Можеш ли да го видиш Меландри како свој клубски колега?
Тешко прашање...Марко е одличен возач, но незнам како ќе функционира тоа. Знаете во еден тим да имате двајца добри возачи некогаш е позитивно, но некогаш е негативно. Навистина незнам каква би била нашата комуникација во ист тим...знам дека доколку дојде тоа тимот ќе побара мое мислење, а тогаш на надлежните ќе им кажам што мислам, во моментов не можам да го кажам мојот став.
Имаше проблеми со дождот на Силверстоун, а важиш за возач кој умее да вози брзо на дожд, што се случи?
Проблемот беше што имаше дожд само на еден дел од патеката, да беше целата мокра, немаше да имам никаков проблем. Но вака ситуацијата беше многу сложена, нас моторот ни беше подесен за сува патека, суспензијата беше премногу тврда за дожд, па на оние делови каде имаше вода на асвалтот имав сериозни проблеми. На мене беше да одлучам дали ќе форсирам и ќе ризикувам да изгубам се, или да го попуштам темпото и да земам некој бод.
Ги средивте ли проблемите со моторот од минатата година?
Да! Како што знаете имавме проблеми со издржливоста на моторот кога температурите беа високи, што ни претставуваше проблем минатата година. Нашите механичари и целиот тим работеше напорно и годинава го немаме тој проблем. Секако сега имаме други предизвици, тоа што сме единствен тим кој користи „Showa“ амортизери ни задава проблеми на моменти. Сами работиме на развој на моторот, но она што го правиме покажува резултати па секако дека сме задоволни.
Дорна се обидува да го намали темпото на Супербајк со цел да не се дефокусира јавноста од МотоГП, мислиш дека ова е смислен план побуден само од финансиски причини?
Па да, пробуваат да наметнат некои нови правила, а реално немаме потреба од тоа. Мотоспортот оди напред, не е веќе 1999 година, технологијата која се користи во Супербајк е достапна за секој. Тоа се реални мотори, не прототипи за кои читаме во списанија за научна фантастика. Сепак некому тоа му пречи и пробува да го промени стилот на Супербајк шампионатот. Тоа секако ќе повлече дополнителни трошоци, ќе бидеме сведоци на откажување на тимовите, и мислам дека не е добро да се прави тоа. Но јас сум само возач, за жал не ги донесувам јас правилата.
Твој коментар на минатогодишниот шампионат, како се чувствуваше на последната трка кога ја загуби титулата за половина бод?
Тоа што се случи минатата година е нешто што до сега не е видено. Најблиската разлика која ја имале првите двајца на крајот на шампионатот, а верувам дека и во иднина нема да се промени тоа, не може некој да има помалку од половина бод заостанување. Знаете на крајот од трката не ми беше сеедно, но да бидам искрен бев среќен. Среќен затоа што ги надминавме очекувањата. Кога дојдов во Кавасаки приорите на тимот беше да бидеме во првите пет, во најдобар можен случај, требаше да се пласираме во топ 3. Кога на крајот од сезоната не го освоивме шампионатот за само половина бод, сите во тимот беа со измешани чувства. Сепак не размислувавме што би било кога би било, ја оставивме минатата година, презадоволни сме од постигнатото и продолживме напред. За сега добро ни оди :)
Кое се твоите планови за иднината?
Договорот со Кавасаки ми истекува на крајот од 2014 година. Не можам од сега да кажам што ќе се случи, но знам дека во моментот сум во победнички тим, имаме одлична комуникација, сите коцки се наредени. Доколку не дојде до некоја драстична промена на ова, или не се случи нешто неочекувано, мислам дека ќе останам онаму каде ми е убаво, а во моментот тоа е тимот на Кавасаки.