Нашите пријатели од Ф1 Алманах имаа ексклузивна можност да направат интервју со Хорхе Лоренцо, возачот на Јамаха МотоГП тимот, кое го пренесуваме во продолжение.

ХОРХЕ ЛОРЕНЦО: Сакам уште една титула

lorenzo so zname 600 silverstoun 2012

Лани со гордост го ја носеше шампионската „единица“ на својот мотор, но во првата сезона без Роси како тимски колега не успеа да им парира на конкурентите. Годинава, Хорхе Лоренцо од стартот на сезоната е конкурентен и покажува лидерство во тимот, достојно за наследникот на големиот шампион.

За врема на трката од Светското првенство во Формула 1 во Барселона, во моторхоумот на Мекларен се појави светскиот шампион од Мото ГП, Хорхе Лоренцо. Тајмингот веројатно беше неприкладен, бидејќи претходната вечер Луис Хамилтон беше казнет со одземање на пол позицијата, а Шпанецот беше негов гостин, но во новонастанатата ситуација неговиот домаќин беше зафатен со ковање стратегија со инженерите пред трката. Слободниот момент во агендата на Лоренцо го искористив за да му побарам интервју, прв пат за еден македонски медиум, за што тој веднаш се согласи.

- Ви благодарам што прифативте да разговараме. Најнапред може ли да ни одгатнете што правите тука, на Формула 1 трка?
- Ова е голем спектакл и јас сум по третпат тука. Бев во 2008 а исто и минатата година, а овојпат сум гостин на Луис Хамилтон, којшто ме покани како негов пријател. Задоволство е да се биде тука и да се види еден поинаков свет од оној со мотоциклите.

- Имавте одличен почеток на сезоната со победата во Катар и пласманите на подиумот во Херез и Есторил. Какви се очекувањата за оваа година?
- Мојата цел е повторно да станам светски првак и оваа година. Ќе се борам за тоа, а во моментот сум само еден поен зад Кејси. Мислам дека сме многу блиски, многу слични, па доколку го подобриме моторот барем малку, повторно ќе бидеме светски прваци.

- Како ја коментирате одлуката на Роси да ја напушти Јамаха и да замине во Дукати? Од денешен аспект делува погрешно, бидејќи се бори за пласман во средината.
- Мене не ми изгледа најдобро кога е на мотор, како да нема доверба во Дукати. Во овој спорт, доколку немаш таква доверба, многу е тешко да бидеш брз и да победуваш во трките. Мислам дека во иднина или ќе мора да ја најде таа доверба во Дукати или ќе мора да го смени моторот.

- Мислам дека тој имаше изјава дека никогаш повеќе нема да вози јапонски мотори.
- Тогаш ќе биде многу тешко, речиси невозможно за него.

lorenzo_i_tabak_600_barselona_2012

- Вие ја освоивте својата прва титула во голем стил со фабричкиот тим на Јамаха. Дали тоа значи дека сте сега долгорочно врзан со нив или сте отворен и за други опции во иднина?
- Еден возач никогаш не е затворен на таков начин, зашто никогаш не знае што може да се случи. Ова е сепак бизнис и мораш да го најдеш најдобриот интерес за себе, додека фабриките како Јамаха и Дукати мораат да го најдат најдобриот возач за нив. Кога јас би избирал, би останал во Јамаха до крајот на кариерата зашто се чувствувам удобно, тие ми се како семејство, а и моторот е мошне конкурентен. Мојата најдобра идеја е да се продолжи со Јамаха.

- А претпоставувам никогаш не би го смениле ни клубот за којшто навивате, Барселона?
- Ха-ха-ха, да, да. Јас сум голем фан на Барселона. Оваа година не ја освоивме титулата, а еве сега и Гвардиола си оди, па да видиме што ќе се случи во иднина со новиот тренер, Тито Виланова.

- Колку често одите на стадион да ја бодрите Барселона?
- Еднаш месечно.

- Која е посилната страна на Јамаха оваа сезона, со новите, посилни мотори? Дали имате подобра брзина на правците од Хонда?
- Да, генерално имаме повеќе сила на правците, но мислам и дека сме побрзи и од Хонда. Лани многу задоцнувавме зад нив, оваа година сме ОК.

- Дали тоа значи дека ви одговараат само брзите патеки?
- Не, не, и при сопирање, во свиоците Јамаха е подобра.

- Ви благодарам за разговорот и се гледаме на некоја трка од Мото ГП.
- Ви благодарам и на вас.

Разговараше:

Александар Табаковски


РАМКА: Наскоро ќе се венчаме со Педроса

Хорхе Лоренцо имаше извонреден учител во Валентино Роси, не само околу возењето и сетирањето на моторот, туку и за правењето шоу, прославувањето на секоја победа. Негова идеја беше по секој триумф да изведува „месечево одење“ и да забоде знаме обележувајќи го тој автодром како „Лоренцо-ленд“. Но, исто така покажува одлики на добар шоумен и на прес конференциите, како на последната во Барселона, кога беше запрашан за другарските релации со Дани Педроса од Хонда, со кого во минатото беа големи ривали, на патеката и вон неа. Додека Педроса на истото прашање изјави „порано бевме деца“, Лоренцо во свој стил додаде „наскоро планираме да се венчаме“!

Објавено во АМСМ Клуб Мобилити, јули 2012

Извор: Ф1 Алманах

Back To Top